НУЛА ДДВ ЗА ХРАНАТА Инфлацијата е наша и е последица на неспособност
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат да се донесе предлог-закон, со кој прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година.
Една минимална плата не е доволна ниту за основно преживување. Една просечна плата не е доволна ниту за просечно живеење. Инфлацијата е последица на неспособноста на владата да ги решава проблемите. И таа не е увезена, туку исклучиво автентична. Состојбите се повеќе од алармантни, а државата влегува во колективна сиромаштија, вели Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.
– 10 килограми зеленчук, еден пакет масло за јадење, еден резервоар со бензин, пакет млеко, 30 леба и 5 колограми овошје е еднакво на една минимална месечна плата. Во ова не спаѓаат ниту парите потребни за месечни сметки за режиски трошоци, пари за училиште, градинка, а не се ни помислува за културен или спортски живот. СДСМ наместо живот, донесе сиромаштија – додава тој
Томовски вели дека од ВМРО-ДПМНЕ бараат да се донесе предлог-закон, со кој прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година. Ценовниот шок кој сега се случува е само распламтување на веќе постоечкиот ценовен шок.
– Дополнително, бараме ДДВ за течните горива да биде пет отсто до крајот на оваа година со што владата итно ќе влијае директно на пад на цените на горивата. Одбивањето на овие две мерки би значело одбивање да се помогне на загрозените граѓани – заклучува Томовски.