НУКЛЕАРНО РЕСЕТИРАЊЕ Трамп бара нов договор по истекот на Нов СТАРТ

181

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е потребен нов договор за ограничување на нуклеарните арсенали, откако истече договорот Нов СТАРТ.

Трамп порача дека САД не треба да одат кон продолжување на постојниот договор, туку кон изработка на нов документ, кој ќе биде поцврст и поусогласен со актуелната безбедносна реалност. Пораката ја објави на својата платформа Truth Social.






„Наместо да го прошируваат Нов СТАРТ, лошо испреговаран договор од страна на САД, кој, меѓу другото, грубо се крши, нашите нуклеарни експерти треба да работат на нов, подобрен и модернизиран договор што ќе трае долго во иднина“, напиша Трамп.

Истек на договорот, отворена дилема

Тој не наведе кои држави би биле опфатени со евентуалниот нов договор. Сепак, од Белата куќа потврдија дека контактите со Москва продолжуваат.

Портпаролката Каролајн Левит изјави дека разговорите со Русија остануваат активни, но прецизираше дека во овој момент нема преоден договор што би го продолжил Нов СТАРТ.

Трамп ја турка Кина во фокус

Американскиот претседател и претходно тврдеше дека не е загрижен од истекот на договорот. Во повеќе наврати инсистираше во идниот аранжман да биде вклучена и Кина, што досега не беше дел од билатералните договори за контрола на нуклеарното оружје.

Што беше Нов СТАРТ?

Нов СТАРТ беше потпишан во 2010 година и претставуваше последен важечки договор меѓу САД и Русија за контрола на нуклеарното вооружување.

Со него, арсеналите на двете држави беа ограничени на максимум 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави, како и на најмногу 800 носачи на ракети и тешки бомбардери. Ова значеше речиси 30 проценти помалку нуклеарно оружје во споредба со лимитите утврдени во договорот од 2002 година.

Поврзани содржини