НОВО СТРАШНО ОРУЖЈЕ ИЛИ БЛЕФ ОД ПЈОНГЈАНГ? Северна Кореја тврди дека тестирала подводен дрон што предизвикува радиоактивно цунами
Експертите повикаа на претпазливост во врска со тврдењата на Пјонгјанг, кои доаѓаат во време на зголемени тензии на Корејскиот полуостров и се совпаѓаат со заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои Северна Кореја ги осуди како „проба за војна“.
Севернокорејските власти соопштија дека тестирале таен подводен нуклеарен дрон способен да предизвика „радиоактивно цунами“ на непријателските поморски бродови и пристаништа.
Државниот медиум КЦНА објави дека „тајното оружје“ било распоредено и тестирано оваа недела, помеѓу вторник и четврток, и може во иднина да биде распоредено на „секој брег и пристаниште или брод“.
Тие го нарекоа беспилотното подводно нуклеарно летало „Хаил“, истакнувајќи дека е во развој од 2012 година. Се додава дека Ким Јонг Ун лично извршил тестови на оружје 29 пати и дека за неговото оперативно распоредување било дадено зелено светло од владејачката партија.
Тие велат дека нивната мисија била тајно да влезат во водите каде што оперираат противниците за да создадат „супермоќни подводни експлозивни радиоактивни бранови“, додавајќи дека тестовите биле спроведени на длабочина од 80-150 метри повеќе од 59 часа пред да удрат во лажното непријателско пристаниште на источниот брег.
Експертите повикаа на претпазливост во врска со тврдењата на Пјонгјанг, кои доаѓаат во време на зголемени тензии на Корејскиот полуостров и се совпаѓаат со заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои Северна Кореја ги осуди како „проба за војна“.
– Последното тврдење на Пјонгјанг дека има подводен дрон способен за нуклеарен напад треба да се земе со резерва – изјави Леиф-Ерик Исли, професор на Универзитетот Евха во Сеул.
Тој додаде дека е јасно оти намерата е да се покаже дека режимот на Ким има толку многу различни средства за нуклеарен напад што секој напад против него ќе пропадне.
Анкит Панда, експерт за нуклеарна политика во Карнеги фондацијата за меѓународен мир, твитна дека е „наклонет сериозно да ја сфати Северна Кореја, но не може да ја исклучи можноста дека ова е обид за измама“.
Пјонгјанг тврди дека тестирањето, како и лансирањето претходно оваа недела, на крстосувачките ракети Хвасал-1 и Хвасал-2 „со пробна боева глава што симулира нуклеарна боева глава“ е одговор на вежбите на САД и Јужна Кореја јужно од границата.