Научниците од Универзитетот во Саутемптон тврдат дека коронавирусот се вовлекува во шеќерите наречени глукани, кои потоа му помагаат да го избегне имунолошкиот систем на телото.
Тие велат дека новиот вирус ги користи глуканите за да влезе во телото како „волк во јагнешка кожа“.
Тимот истражувачи предводени од Макс Криспин вели дека вирусот сепак не е заштитен како другите, како на пример ХИВ, како и дека овие информации ќе им помогне на луѓето кои ја прават вакцината.
Доктор Криспин објаснил дека овој вирус има голем број шилци на површината кои ги користи за да се врзе и да влезе во клетките во човечкиот организам. Тие шилци се обвиткани со шеќери кои ги прикриваат неговите вирусни протеини и му помагаат да го избегне имунолошкиот систем на телото.
– Вака се однесуваат волците во јагнешка кожа. Сепак, едно од нашите главни откритија е дека без оглед на тоа колку шеќери има, вирусот не е толку заштитен како другите вируси. Вирусите како ХИВ, кој останува во еден организам, мораат постојано да го избегнуваат имунолошкиот систем на човекот и затоа има многу густ слој од овој шеќер кој им е штит – рекол докторот.
Тој навел и дека коронавирусот се однесува според системот „удри и бегај“ и дека, како што знаеме, се пренесува од една личност на друга.
– Тој сепак има пониска густина на спомнатиот шеќер, што значи дека постои помала препрека за имунолошкиот систем да го неутрализира вирусот со антитело. Тоа е охрабрувачка порака за развојот на вакцината – рекол Криспин.