НОВО ОБВИНЕНИЕ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО „ПУЛС“ И сопственикот на агенцијата за обезбедување станува осомничен
Според Обвинителството, сопственикот активно раководел со целиот деловен потфат и со начинот на спроведување на обезбедувањето, заедно со претходно осомничениот управител и овластеното лице од подружницата во Кочани.
Истражната постапка за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ доби нов пресврт – Обвинителството отвори истрага против уште едно лице, кое се сомничи за тешки дела против општата сигурност.
Станува збор за реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување од Скопје, која обезбедувала имот и лица во клубот, иако немала формален договор со локалот. Според Обвинителството, тој активно раководел со целиот деловен потфат и со начинот на спроведување на обезбедувањето, заедно со претходно осомничениот управител и овластеното лице од подружницата во Кочани.
Истрагата покажа дека безбедноста во клубот била сериозно занемарена – немало безбедносна проценка, ниту план за обезбедување, а не биле направени проверки за противпожарна заштита. Дополнително, обезбедувањето не го контролирало влезот во локалот и дозволило влез на деца, не водело сметка за преполнетоста, ниту спречило внес и користење на пиротехнички средства, со кои директно бил предизвикан пожарот.
Како резултат на трагедијата, животот го загубија 62 лица, 157 се здобија со тешки телесни повреди, а 54 беа полесно повредени.
По наредба на суд, вчера беа извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип, како и на возилото на осомничениот. Притоа беше одземена обемна документација и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода, а јавниот обвинител ќе достави предлог до судот за определување мерка притвор.