НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ СЕ ФАТИЈА ЗА МЕТЛАТА Ќе се спаси ли Скопје зимава од отровните депонии?
Новите градоначалници по изборите храбро влегоа во масовно чистење на повеќе скопски депонии: договорите се склучени, работниците се на терен, а на некои места ќе никнат и зелени паркови за во иднина истото место да не се полни со ѓубре. Доволна ли е оваа локална иницијатива да се реши еден горлив проблем кој државата со години го става под тепих? Каде ќе се носи ѓубрето? Се спроведува ли воопшто Националниот план за управување со отпадот?
Смрдеа, магла, метан и отровен чад од стотици знајни и незнајни депонии се закануваат да ни го одземат кислородот и оваа зима во Скопје, потсетувајќи нè дека 30 години некој не си ја вршел својата домашна задача за градот да заличи на европска метропола. Граѓаните се навикнати на лажните вести од мерните станици, на неодговорните власти и нивните редарски служби, на хорор-сликите од ѓубрето кое секој може, кришум, да го фрла или да го гори под мостовите на нашите реки, покрај патиштата, таму кај што никој не гледа …
Но, има тронка надеж меѓу скопјани пред оваа есен да стане зима: локалните избори во кои победи народот, независните, а беше казнета власта донесоа нови зелени заложби и ветувања уште во кампањата. По победата, новите градоначалници, повеќето од редовите на ВМРО-ДМПНЕ, но и од власта и од другите партии храбро влегоа во организирање на чистење на градот, а некои од нив веќе се фатија за метлата.
Ќе издржат ли старо-новите челници во оваа битка со ѓубрето? Новата „мајка“ на градот, Данела Арсовска гордо изјави дека во првите 82 дена од нејзиното седнување во градоначалничкото столче ќе бидат исчистени поголемите депонии во градот. Ќе успее ли?
Koj e див: депониите, власта или граѓаните?
Или да го поставиме прашањето обратно: има ли смисла чистењето на депониите, ако немаме државна стратегија за тоа каде отпадот ќе биде носен понатаму, ако не знаеме кој и колку го создава и ако после неколку години тие пак се наполнат со ѓубре? Криви ли се граѓаните што го фрлаат отпадот кога никој не им поставил посебни контејнери за селектирање на истиот, а постоечките контејнери немаат капацитет да го зберат целиот смет во градот? Кој е „див“: депониите, власта или граѓаните?
А, Скопје има стотици диви депонии. Вардариште, Лепенец, депониите во Железара, Јурумлери, Визбегово … според еден податок, само во општина Аеродром има 66 мини-депонии. Тамошниот градоначалник Тимчо Муцунски е прилично уверен дека општината ќе стане пример за другите. Тој уште минатиот четврток се сретна со сезонските работници и им ги додели нивните задачи.
– Во наредниот период ќе има редовни контроли на терен заедно со сите служби. Комуналното одделение веќе работи на расчистување на дел од депониите, согласно веќе потпишан договор со правно лице задолжено за расчистување на истите, а во подготовка е и новиот буџет на општина Аеродром за 2022 година, каде што ќе бидат предвидени поголеми финансиски средства за расчистување на дивите депонии – вели тој за Плусинфо.

Сите дуќани и маркети да склучат договор со ЈП Комунална Хигиена
Повеќето нови градоначалници веќе објавиле тендери, а некои и склучиле и договори за фирми за чистење на отпадот. Но, според Ана Петровска, претседател на здружението „Зелен Хуман Град“, тука треба да биде вклучен и градот, односно ЈП Комуналец.
– Најпрво треба да се организира услугата за собирање на отпадот, да има доволен број на контејнери, истите да бидат соодветно поставени и отпадот да се подига доволно често. Да се склучат договори помеѓу ЈКП Комунална хигиена со сите дуќани, маркети, ресторани, за тие да добијат свои контејнери и да не фрлаат отпад во контејнерите за домаќинства. ЈКП во Ѓорче Петров, Гази Баба и Шуто Оризари да склучат договори со ЈКП Комунална хигиена за преземањае на отпадот на претоварните станици, наместо да го фрлаат отпадот на дивите депонии на Лепенец, Јурумлери и Визбегово. Почесто да патролираат комуналните редари и да казнуваат за несовесно фрлање отпад – вели таа.
Петровска е жесток критичар на власта, а во јавноста е позната како архитект, урбанист и стручњак од областа на животната средина. Според неа, сè додека не навлеземе подетално во причините за создавањето на депониите, залудно ќе се трошат парите на граѓаните. Но, новите градоначалници како да немаат време за губење: сега е мигот да се потпишат решенијата за легализација, да се излезе на улица, да се покаже дека се работи.
Ова важи и за градоначалниците од СДСМ. Утринава во Струмица, Костадин Костадинов се сретна со вработените од ЈПКД „Комуналец“, а вети дека ќе ја прошири и поднови механизацијата:
„Вака, рано утрово, се договоривме со раководството и вработените во ЈПКД „Комуналец“.
Работниот ден го започнав таму за да видам како се организираат за денешните работни задачи, но и поразговаравме за моменталната кондиција на претпријатието во исполнувањето на обврските и испорачувањето на квалитетни услуги кон граѓаните“, напиша тој на Фејсбук и објави слики со вработените.

Каде оди ѓубрето? Има ли каде?
Можеби Струмица има, но Градот Скопје уште нема одредено локации каде ќе биде дозволено да се фрла отпадот, па затоа тој завршува по Вардариште и во кругот на Железара, објаснува Петровска. Според неа, стратегија не може да има ако Градот нема податоци за структурата на создавачите на отпад (домаќинства, институции, комерцијален сектор – дуќани, маркети, ресторани и слично), потребен број и волумен на контејнери, нивна локација, видот на камиони за собирање и заачестеност на подигањето на отпадот од соодветните зони). Затоа некои домаќинства немаат каде да го флаат отпадот и го оставаат каде што ќе стигнат, објаснува таа.
Фактури само од Дрисла
И додека службите чистат, а багерите носат, се поставува прашањето каде оди ѓубрето? Иако начелниот договор е дека тоа треба да се складира во „Дрисла“ или во официјални депонии, јавна тајна е дека ѓубрето често е преместувано на подалечни локации во нови депонии.
– Новите градоначалници информираат за акции на чистење на отпадот. Неопходно е да ги прикажат фактурите за преземен отпад на Дрисла, како доказ дека исчистениот отпад не завршил на друго место далеку од очите на граѓаните – потсетува Петровска, чие здружение ЗХГ доби прилично советници и во Градот и во општина Центар.

Наместо да шетаат редари, направете ги депониите зелени паркови
Можеби поважно од чистењето е одржувањето на чистотата. И градот и општините имаат свои инспекциски и редарски служби, но се поставува прашањето кој е нивниот капацитет?
– Инспекциските служби на Општина Аеродром, се задолжени интензивно да ја контролираат состојбата со девијантни и противзаконски појави на фрлање градежен шут и смет на недозволени јавни површини, како и да изрекуваат ригорозни казни – вели Муцунски за општината Аеродром.
А, освен редарите новите градоначалници имаат и нешто друго на ум. Дивите депонии да ги претворат во зелени паркови. Најамбициозен меѓу градоначалниците е Тимчо Муцунски, кој ќе прави зелен парк на 100.000 метри квадратни кај ФФМ кои сега се покриени со отпад. Новиот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вчера беше на терен во Драчево:
– По целосното расчистување на ова место, на површина од околу 4.000 м2, ќе се направи зелен парк кој ќе нуди и многу дополнителни содржини. Ќе се изгради детско игралиште, катче за пензионери, ќе се постават клупи и корпи за отпадоци – порача тој.
Имаме мапа на депониите, треба само да ги исчистиме
Во Гази Баба 60 вработени ќе ги чистат улиците и депониите во голема акција. Во Аеродром Муцунски вели дека мапирале осум најзначајни локации: повеќето од нив се во населбата Лисиче, а една покрај Вардар во населбата Острово. Во општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски вети зелен парк кај големата депонија во Ново Село. Во Бутел, пак, Дарко Костовски вети дека за една недели ќе ги реши 12-те најголеми депонии во општината:
„Општина Бутел без депонии. Почнавме со отстранување на депонии во Општина Бутел, лоциравме депонии на дванаесет локации, истите ќе бидат решени за помалку од една недела. Почнуваме со силно темпо, следете не“, напиша Костовски на својот фејсбук профил.

Немаме, а требало одамна да имаме осум регионални депонии за 40 милиони евра
Низ цела Македонија има 54 комунални депонии и стотици диви депонии, од кои 16 се со висок, 16 со среден 19 со низок ризик за животната средина, додека истовремено има и 16 стари еколошки загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето кои живеат во нивна близина, алармираат од невладината „АјдеМакедонија.“ Но, бројот на диви депонии веројатно надминува 1.000.
Амбициозен десетгодишен план веќе е донесен од актуелната власт, а таму пишува дека до 2025 година треба да никнат шест регионални депонии за современ третман на отпадот и дека четвртина од населението до тогаш целосно ќе го одлага отпадот во нив. До 2030 треба да се изградат три постројки за компостирање на био-отпад, места за селектирање на отпад, а граѓаните со масовни кампањи да се убедат да селектираат.
Убавиот и скап план кој ќе ја чини Македонија 40 милиони евра многу тешко се реализира. Предвидено е земјата да има осум регионални депонии за да може процесот да функционира, но ништо од тоа не е изградено. Граѓаните и фирмите реагираат на ова уште од 2004 година, кога почнала приказната. Негде се организирале и протести, а градоначалниците обично се ставале на страната на граѓаните, но немале поддршка од државата во минатото.
За споредба, Србија, до 2020 година изградила десет регионални депонии (а планирале 26) на кои се применува технологија за управување со отпадот, што за тамошните медиуми од денешна перспектива е премалку.