НОВИОТ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО ДОБИ ТРИ ТЕРМИНИ Собранието ќе го избере до 12 јуни
Ако Собранието не најде термини за седница на 5 или на 9 јуни, тогаш на 12 јуни ќе биде на дневен ред изборот на министерот за здравство и замениците министри.
Изборот на нов министер за здравство ќе биде на дневен ред на собраниската седница закажана на 12 јуни, изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека се прават напори доколку Парламентот се организира, тоа да се направи и порано, односна на 5 или на 9 јуни.
Мицкоски посочи дека минатата недела е донесена одлуката за нов министер за здравство да биде именуван Азир Алиу, а апликацијата до Парламентот е доставена во петокот.
– За жал денеска е таков ден, па не можеше наеднаш да се стави на дневен ред. Се обидуваме некако да успееме пред 12 јуни, кога е закажана следната седница. Ако успееме, два терминa се дадени како опција во јуни – 5 и 9, но да видиме дали ќе успее Парламентот да се организира и тогаш да закаже седница. Ако не, на 12 јуни ќе бидат дел од дневниот ред и министерот за здравство и замениците министри – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.
Азир Алиу е поранешен министер за информатичко општество и администрација и е дел од Алијансата за Албанците која остана во коалицијата Вреди, по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.