НОВИНАР НА НОВИНАР МУ Е ВОЛК До кога перјаниците на власта ќе ја тероризираат медиумската фела и никој не може да ги запре?
Плусинфо разговараше со психолози, правници, адвокати, како и со првите луѓе на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на Македонската асоцијација на новинари (МАН), кои се согласуваат дека работите со новинарите-заканувачи полека излегуваат од контрола и дека во блиска иднина ќе мора да се преземе нешто за да се спречат евентуални проблеми од поголеми размери.
Новинарка јавно објавува Фејсбук статус преку кој посакува смрт на свој колега. Новинар објавува колумни во медиум, а во содржината нема ништо друго освен говор на омраза, мизогинија, навреди, повици за насилство. На социјалните мрежи врие од уцени, посакување нечија смрт или болест, колнење. Институциите молчат, никој не презема ништо. Каде ли исчезнаа колегијалноста и солидарноста помеѓу медиумските работници?
Вака, наш искусен новинар, ја коментира состојбата во којашто се сериозно западнати новинарите од земјава во последниве неколку години. И додава:
– Поради сите овие постапки на колегите-злобници, искрено се срамам поради тоа што сѐ уште сум новинар.
Но, очигледно, проблемот е далеку пострашен од едно засрамување. Како што советуваат правниците, човек никако не треба и не смее да остане рамнодушен или да се прави храбар, доколку на негова адреса пристигне смртна закана, без разлика дали таа – како што обично се правдаат заканувачите – била „метафорички“ искажана или напишана.
Плусинфо разговараше со првите луѓе на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и на Македонската асоцијација на новинари (МАН), кои се согласуваат дека работите полека излегуваат од контрола и дека во блиска иднина ќе мора да се преземе нешто за да се спречат евентуални проблеми од поголеми размери.
На оваа тема разговаравме и со психолози, од кои побаравме стручно мислење за ваквиот вид закани и заканувачи. Замоливме да ни биде разјаснето што поточно се случува во главите на овие луѓе во моментите кога почнуваат неконтролирано да кризираат и да повикуваат на нечија смрт или несреќа, или и отворено да се закануваат.
Накратко, од психолошка гледна точка, ваквите заканувачи се луѓе со проблем на контролирањето на агресијата, а како што појаснуваат психолози, најчестата причина за ваквата состојба се трауми од минатото, кои сега се преточени во бес, љубомора, завист, а се детектира и целосно отсуство на емпатија и солидарност.
Делувањето на овие луѓе, советуваат психолозите, не смее да биде неконтролирано и институциите не смеат да останат неми на сите закани што се шират преку медиумите или преку социјалните мрежи.
Во продолжение ќе прочитате и неколку совети од правници како да постапите доколку и вие станете жртва на вакви заканувачи, кога е најдобро време да реагирате, каде да пријавите, кога треба да реагира Јавното обвинителство…
Говор на омраза завиткан во метафора
Ние долго време укажуваме на тоа дека новинарите треба да бидат први во одбрана на етичките и на професионалните стандарди, а никако да бидат промотори на говор на омраза, дури и кога некои новинари сакаат тој говор на омраза да го правдаат како начин на изразување, односно како метафоричко изразување, објаснува претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски.
Мора да се постават граници кои ќе направат разлика помеѓу култура на изразување и говор на омраза
– Јас мислам дека треба постои една цврста граница каде завршува метафората, а каде започнува професионалноста, бидејќи во нашето општество таквиот тип на наратив може да побуди омраза. Само треба да се следат законите и да се применуваат онака како што се напишани. Во таа насока беше и инсистирањето на ЗНМ за да се донесат тие неколку измени во Кривичниот законик, каде што се поставија и дела како што е „демнењето“, а казните за насилствата и обидите за насилство врз новинари многукратно се зголемија. Во таа насока се и нашите напори на воспоставена комуникација со Јавното обвинителство, и се разбира, треба да продолжи таа комуникација. Мислам дека превентивно може да се влијае, а за неексплицитните закани и навреди мора да се води сметка и да се постават граници кои ќе направат разлика помеѓу култура на изразување и говор на омраза – порачува Чадиковски.
Јавните закани и повици за смрт преку колумни или преку статуси на социјалните мрежи, додава тој, секако дека се сметаат за потенцијална опасност за жртвите, но многу поопасно е кога доаѓаат од некои партиски извори или од некакви центри на моќ.
– Политичките партии и лидерите на политичките партии имаат свои следбеници кои можат да го сметаат секој повик за повик за делување и затоа сметам дека многу поопасни се таквиот тип на закани коишто доаѓаат од партиски центри, отколку оние што се шират помеѓу новинарите. Секако, ние треба да бидеме пример во општеството и не смееме да си дозволуваме да сме сведоци на меѓуновинарски пресметки, меѓутоа, за жал, таков е начинот на комуникација помеѓу повеќето од нас. За волја на вистината, поместување постои и не сите знаат дека заканите и нападите врз новинари сега многу посилно се казнуваат. Но, очигледно потребна е многу поголема промоција за да сфатат сите луѓе дека не треба да си играат со новинарската професија, вклучително и новинарите – објаснува Чадиковски.
Класичен политички прогон
Состојбата е драстично влошена со промената на власта, па ако во времето на претходната власт имаше само еден кривичен прогон против новинар, сега имаме од 60 до 80 медиумски работници кои се под кривична истрага, а помеѓу 8 и 10 новинари веќе се дадени на суд и тоа е класичен политички прогон, вели претседателката Македонската асоцијација на новинари (МАН), Ивона Талевска.
Неодговорното однесување на власта дава слика за новинарската професија. Заканите коишто се случуваат и небезбедноста на новинарите е резултат на лошото владеење
– Оваа власт го спроведува политичкиот прогон со помош на правосудниот систем. Тоа е пресметка со политички неистоимисленици. Се пакуваат обвиненија за наводни дела од пред 15 години само за новинарот да нема влијание врз јавноста со своите мислења и ставови. Имаме примери кога дури по две ослободителни пресуди на првостепени судови, Апелација сака да ги укине тие ослободителни пресуди и да го осуди новинарот само за да нема влијание врз јавноста. Тоа е едниот аспект на актуелната состојба со небезбедноста на новинарите, а вториот аспект се секојдневниоте закани коишто ги добиваме на отворен простор, но и преку компјутерски систем. Поттикнување насилство преку говор на омраза и директни закани по живот е многу сериозна работа, а ние со ова се соочуваме во изминатите 7 години во невидени размери што никогаш претходно не било случај сметајќи од независна Македонија па сѐ до денес – објаснува Талевска.
Сѐ додека оваа политичка гарнитура е на власт, решение не може да има, тврди претседателката на МАН.
– Што и да преземеме, нема да видиме решение за проблемот. На крајот на денот, сѐ почнува и завршува со законите и нивната примена. Доколку полицијата и Јавното обвинителство ги применуваа законите еднакво за сите, немаше да се доведеме во оваа ситуација. Би биле пријатно изненадени доколку овие две институции почнат да презмаат било какви мерки по службена должност, меѓутоа не веруваме дека може да се случи такво чудо. Решението е во промена на власта, а дури потоа ќе можеме да разговараме за реформи во медиумските закони и спроведување на веќе постоечките законски решенија коишто ќе обезбедат заштита на новинарите. Неодговорното однесување на власта дава слика за новинарската професија. Заканите коишто се случуваат и небезбедноста на новинарите е резултат на лошото владеење. Тие новинари коишто се закануваат имаат од кого да гледаат, а обично гледаат од оние коишто им се заштита – ни изјави Талевска.
Неконтролирана агресија на луѓе со трауми
Психологот Ангела Будиноска смета дека јавното посакување туѓа смрт претставува израз на неконтролирана агресија кај луѓето коишто претрпеле некакви трауми во животот, па сега се преполни со бес, љубомора, завист, а имаат и отсуство на емпатија и солидарност.
– Никој свесно и намерно нема да посака смрт на друг човек, туку се работи за излив на негативни емоции поради нешто со што го изнервирал тој човек. Таквите луѓе неконтролирано реагираат и најверојатно тие не ја изразуваат агресијата и емоционалната напнатност на друго место, немаат физичка активност, не разговараат со други здраворазумни луѓе, туку веднаш напаѓаат. И тоа е посилно од нив, бидејќи најчесто се работи за импулсивни луѓе – појаснува Будиноска.
Не можеме да знаеме дали нивните закани се опасни по живот, оти најчесто кучињата што лаат не касаат, но не треба да се затворат очи пред таквото делување, додава нашата соговорничка.
– Ако таа неконтролирана агресија трае подолго време, човекот треба да си пронајде начин да го исканализира тоа неубаво чувство и да си помогне себеси. Сите сме во постојана борба против говорот на омраза и се трудиме да комуницираме на поцивилизиран начин, така што, мора да се преземе нешто со овие луѓе пред да биде предоцна и пред да се исполни некоја нивна закана – објаснува Будиноска.
Таа ги дефинира заканувачите како луѓе со проблем во контролирањето на агресијата, оти, како што вели, потребно е да видиме неколку индикатори врз основа на кои ќе заклучиме дека токму тој човек има одреден психички проблем.
Ако таа неконтролирана агресија трае подолго време, човекот треба да си пронајде начин да го исканализира тоа неубаво чувство и да си помогне себеси
– Јас навистина не знам до која граница може да оди човек во пишување содржини, дали новинарите си имаат некаков кодекс, дали писателите имаат некаков кодекс… Но, тврдењето дека говорот на омраза е метафора, односно дека е стилско изразно средство, е тотално неприфатливо оправдување. Ако ние двајца седнеме на маса и јас во еден момент ти порачам дека ќе те убијам, таа закана ќе ја слушнеме само ние двајца, па со самото тоа и опасноста е многу мала. Но, доколку истата таа порака ти ја испратам преку социјалните мрежи, тоа значи дека за заканата може да дознае половина Македонија, па доволно е само еден човек да собере храброст и да направи беља, потоа правдајќи се дека бил заведен од мојата закана што ја прочитал на Фејсбук и за којашто сметал дека е исправна. Секако, ова не смее во никој случај да се сфати како зафрканција и сметам дека секоја закана, без разлика кој ја испраќа, треба да биде пријавена во соодветните институции – објаснува Будиноска.
Проценката е индивидуална
Адвокатот Оливер Вуксановиќ вели дека секој граѓанин индивидуално проценува кога се чувствува загрозено.
Дали има ефект и колку има ефект од пријавувањето на ваквите закани е повторно индивидуално од случај до случај, додава адвокатот.
Ако се поднесе кривичната пријава, Јавното обвинителство секако ќе мора да реагира и да преземе одредени дејствија и да донесе јавно-обвинителска одлука
– Прво, секој си одлучува индивидуално дали и кога ќе ги пријави изречените смртни закани што ги добива на било каков начин. Кај некого стравот од заканата делува во истиот момент кога е испратена, а кај некого е потребно подолго време. Второ, доколку некој веќе добил смртни закани и сака да го пријави случајот затоа што се плаши за својот живот, тој треба да го направи следново: преку адвокат да поднесе кривична пријава за загрозување на сигурноста или да се обрати во најблиската полициска станица, таму да го пријави настанот, па полицијата да ги преземе сите дејствија што би следувале во иднина – најпрво е предупредување, па доколку се повтори случајот, тогаш заканувачот би добил пријава. Треба да биде јасно дека Јавното обвинителство не постапува самоиницијативно по службена должност за вакви работи, туку реагира исклучиво по пријава на оштетените граѓани. Ако се поднесе кривичната пријава, Јавното обвинителство секако ќе мора да реагира и да преземе одредени дејствија и да донесе јавно-обвинителска одлука. Секако, на крајот на краиштата, одлуката може да гласи и отфрлање на кривичната пријава доколку се процени дека самата закана не била сериозна – објаснува Вуксановиќ.
Ако смртните закани си ги делат новинари едни на други, додава тој, тогаш, освен во полиција и во Јавното обвинителство, постои уште едно место каде што може да се пријави случајот.
– Советот за етика во медиумите е првата дистанца на којашто треба да се обратите како новинар, затоа што тој Совет има ингеренции во утврдувањето на таквите несоодветни постапувања помеѓу колеги – ни изјави Вуксановиќ.
Пријавете ја секоја закана
Сметам дека живееме во општество во кое се извитоперени правата на граѓаните и за тоа не смее јавно да се говори – во едниот случај со повикување на правото на слобода на говор заштитено со Уставот, а во другиот случај со ограничување во вршењето на тоа право преку забрани на говор од омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, објаснува адвокатот Димитар Дангов.
– И говорот на новинарот не е имун на омраза во степен санкциониран како кривично дело. Кога правото на говор на новинарот станува кривично дело? Секогаш кога постои свест дека тоа што се зборува може да предизвика последици кои сакаме или се согласуваме да се случат, во умислена варијанта или во небрежен облик, односно кога сме свесни дека тоа што го зборуваме може да предизвика последици, но лекомислено сметаме дека нема да настанат или сме сметале дека нема да настанат, а сме биле должни за таква можност. Сметам дека ова е критериумот за оценка на говорот кој ја исклучува или ја определува кривичната одговорност во оваа сфера. Случаите на говор на омраза кои во последно време се присутни во фелата на новинари во облик на колнење, повикување на насилство или екстремниот облик на повик на смрт на новинар, дава друга специфичност. Секако, оваа специфичност може да биде предмет на проучување од социолошки и друг аспект со цел да се истражат причините кои ја предизвикал и одржуваат оваа појава – коментира Дангов.
Тоа што е релевантно за правниот аспект, додава тој, потенцијалниот сторител кој врши говор на омраза, за да ја постигне целта, а сепак да ја избегне одговорноста, може да се затскрива под свесно смислени фрази.
Не е на оштетениот да проценува дали е сторено кривично дело. Тоа е надлежност на јавниот обвинител. Овој вид на кривични дела бара последица која се состои во создадено-постигнато чувство на омразненост кон тој кон кого е насочена омразата
– Затоа секогаш треба да се истражат сите околности на секој одделен случај на говор од омраза како потенцијално криминоген. Кога да се пријави случајот? Секогаш и веднаш. Не е на оштетениот да проценува дали е сторено кривично дело. Тоа е надлежност на јавниот обвинител. Овој вид на кривични дела бара последица која се состои во создадено-постигнато чувство на омразненост кон тој кон кого е насочена омразата. Тоа е основниот облик, а делото добива квалификаторен облик ако е сторено од новинар во вршење на злоупотреба на овластувањата на правата на јавен говор. Дали се ефикасни овој вид пријави? Колку што ми е познато нема некаква особена пракса. Ефикасноста на пријавите ќе зависи од повеќе фактори. Сметам дека мноштвото на пријавени случаи ќе донесе резултат и со тоа и заштита од сите облици на вршење на ова кривично дело. Многу се ефикасни механизмите кои според законот ги има обвинителот, да бара од судот изрекување на привремени мерки или забрани насочени кон новинарот кон кого постојат основани сомневања дека сторил кривично дело од омраза – објаснува адвокатот.
МАН РЕАГИРА НА ЗАКАНИТЕ Новинарката Јовановска му посака смрт на колегата Момироски