НОВИ УЛИЦИ, ВОДОВОДИ, ГРАДИНКИ, УЧИЛИШТА… Што направија вмровските градоначалници во својот мандат?

175

Со инвестирање во инфраструктура, образование, туризам, спорт и во култура, градоначалниците од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ презентираа низа реализирани проекти во рамките на првиот ден од Саем-отчетот под мотото „4 години работа за тебе“ во саботата.

Градоначалниците истакнаа дека изминатите години донеле стабилизирање на општинските финансии, изградба на современи училишта, спортски сали и улици, пречистителни станици и туристички капацитети, а голем дел од проектите продолжуваат и во следниот мандат.






Битола со нов мост на Бурса

Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека во изминатите години се реализирани над 50 километри улици во урбани и рурални средини, со комплетна реконструкција на влезот во градот и нов мост на улицата Бурса.

– Стадионот „Петар Милошевски“ е реновиран, изградена е нова боксерска сала, велосипедски патеки и памп трака – рече тој.

Воедно, Битола издвојува над 1,5 милиони евра годишно за поддршка на спортот и веќе се изградени паркинг простори за потребите на граѓаните.

Охрид добива пречистителна станица

Градоначалникот Кирил Пецаков се осврна на ситуацијата во која беше затекната општината.

– Општината Охрид ја наследивме во многу лоша состојба со голем долг, во висина од околу 14,5 милиони евра и истиот го раздолживме и продолживме со работа. Иако стартот беше лош, ние упеавме и да се раздолжиме и да продолжиме да работиме. Како и да е успеваме – рече Пецаков.

Пецаков укажа дека во Охрид се реализираат проекти кои го менуваат ликот на градот.

Иако општината имала сериозен долг, во Охрид биле реализирани значајни проекти што суштински го менуваат градот – започната е постапката за катна гаража, изградена е нова основна школа, прва по повеќе од половина век, која ќе биде отворена на 1 септември, училиштето во Лескоец добило спортска сала, а во Трпејца се гради пречистителна станица, посочи Пецаков.

Тој истакна дека денес Охрид е град со кој жителите можат да се гордеат поради направените промени и додаде дека ова е само почеток, со оглед дека следните 4 години ќе продолжат со големи проекти.

Прилеп добива фабрика за селектирање отпад

Градоначалникот Борче Јовчески истакна дека Прилеп се раздолжил за долг од 133 милиони денари и дека успеал да изгради современа детска градинка, со нова во најавa.

Учениците добија бесплатен оброк и униформи, а во завршна фаза е и фабриката за селектирање на отпад, како и катната гаража за безбедно паркирање, посочи тој.

Гевгелија со нови улици, парк и со доградена детска градинка

Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, нагласи дека во изминатите 4 години се реализирани бројни капитални проекти во различни области.

Во делот на инфраструктурата изградени и реконструирани се улици во градот и населените места, а како особено значајни ги издвојува двата проекта за атмосферска канализација.

До крајот на 2025 година Гевгелија ќе биде првата општина во Македонија со над 85% покриеност со ваква мрежа, посочи тој.

Изграден е и нов урбан парк, доградена е детската градинка „Сончогледи“, реконструирани се 3 младински дома и отворено е прифатилиште за бездомни животни. Затворената депонија, пак, е претворена во зелена површина, вели тој.

Ресен реализирал 170 проекти, Демир Хисар со нови патишта

Јован Тозиевски од Ресен нагласи дека по 25 години општината е деблокирана и реализирала 170 проекти, меѓу кои 23 километри реконструирани патишта и модернизација на системот за отпадни води.

Во Демир Хисар, Никола Најдовски објасни дека за 4 години се изградени над 17 километри локални патишта и нови пешачки патеки, со што градот доби урбан и модерен лик. Дополнителни 60 милиони денари ќе бидат вложени во изградба на уште 10 километри патишта.

„Булеварот „Партизанска“ е еден од најкрупните капитални проекти во Штип

Градоначалникот Иван Јорданов го нагласи булеварот „Партизанска“ како еден од најкрупните капитални проекти во Штип, кој ќе ја поврзе општината со Карбинци и ќе биде комплетно завршен до септември.

Тој потсети дека и обиколницата е во завршна фаза, што ќе го растовари сообраќајот и ќе поврзе 2 дела од градот.

– Изминатите 4 години работевме како сервис на граѓаните и инвеститорите, буџетот се зголеми и имаме раздвижување во секоја област. Она што е при крај ќе го завршиме и ќе испланираме нови проекти – истакна Јорданов.

Во Преспа асфалтирани 23 километри патишта, во Демир Хисар 17 километри

Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, потсети дека општината по 25 години конечно добила чиста сметка, откако за само две години била одблокирана и стабилизирана. Со новиот буџет реализирани се проекти во вредност од 12 милиони денари, а во последните четири години се спроведени околу 170 проекти во различни области.

Во делот на инфраструктурата, изградени се околу 50 улици со паралелна модернизација на водоводната и атмосферската мрежа, при што асфалтирани и реконструирани се над 23 километри патишта, во вредност од 2 милиони евра.

Градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, истакна дека општината доживеала голема инфраструктурна офанзива, со изградба на повеќе од 17 километри локални улици и патишта во вредност од 80 милиони денари.

Дополнително, урбанизирано е централното градско подрачје со нови пешачки патеки на главните улици, што значително ја зголемило безбедноста на граѓаните. Како надополнување, најавени се уште 60 милиони денари инвестиции за изградба на дополнителни 10 километри патишта.

Градско со бесплатна градинка и со стипендии, Неготино го реши проблемот со водата за пиење

Во општина Градско, за време на 4-годишниот мандат на градоначалникот Кире Нацков, е воведена бесплатна градинка за сите деца и бесплатен оброк за учениците до петто одделение.

ополнително, за првпат се доделуваат стипендии за ученици и студенти, како и финансиска помош за новороденчиња. Нацков најави и проширување на капацитетите на училиштето со цел воведување на едносменска настава.

Градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, истакна дека конечно е решен деценискиот проблем со недостигот на вода за пиење, поради кој жителите претходно имаа рестрикции од по 6 до 8 часа дневно. Со поставувањето катодна заштита на водоводната мрежа и активирање на два нови извори со капацитет од 9 литри во секунда, општината доби стабилно водоснабдување. Дополнително, по долгогодишни ветувања, изграден е и нов затворен пазар од 440 квадратни метри, кој ќе биде значајно олеснување за граѓаните.

Пехчево со подобра патна инфраструктура, Македонска Каменица со кула за детекција на пожари, Виница со реконструирана кино сала

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, истакна дека се реализирани бројни проекти во патната инфраструктура, водоснабдувањето и атмосферските канализации, а со паралелни зафати се решаваат и проблемите во руралните средини.

Градоначачникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, како клучен проект ја издвои кулата за рана детекција на пожари, која покрива 80% од општината и која наскоро ќе биде надградена за целосна покриеност.

Во Виница, градоначалникот Миле Петков посочи дека е реконструирана кино салата, ставена во функција и за културни настани, обновена е Сината сала, поставени се фотоволтаици и реконструирани се 48 улици и патишта.

Лозово со модерно училиште, Ранковце со реконструирани патишта и водовод

Градоначалникот на општина Лозово, Бошко Цветковски, градоначалникот на општина Ранковце, Борче Спасовски и градоначалникот на општина Кратово, Тодорче Николовски наведоа позначајни проекти кои се реализирани во општините, во областа на образованието, инфраструктурата и туризмот.

Цветковски истакна дека е многу направено во делот на образованието, со најдобра опрема, смарт табла во одделенска настава, интерактивни панели, лаптоп за секој наставник и таблети за секое дете до петто одделение.

Спасовски наведе неколку реализирани проекти за општината како вложување во патната инфраструктура за поврзување на селата со општината и за подобрување на условите во училиштата со целосна реконструкција на училници и училишни дворови.

Кратово станува туристичка дестинација

Градоначалникот на општина Кратово, Николовски, истакна дека Кратово се развива во препознатлива туристичка дестинација, дека се вложува во туристичкиот потенцијал на градот со реконструкција на културно историски споменици и со формирање на посебен отсек во образованието за угостителство и туризам.

Во Вевчани се реконструирани улиците, Македонски Брод целосно се урбанизира

Градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, истакна дека се реконструирани голем број на локални улици, а има и целосна реконструкција на кујната во градинката како и партерно уредување, а се цели и кон зголемување на капацитетот со изградба на уште едно додатно крило.

Градоначалникот на општина Македонски Брод, Жарко Ристески, истакна дека во 2021 година наследил општина која не е финансиски стабилна бидејќи наследил долг од околу 60 милиони денари, а вкупниот приход на самата општина по сите основи, бил 52 милиони денари, која во текот на 2022 година успеала фискално да ја стабилизира. Тој посочи дека изградени се неколку улици, за кои се вложени околу 54 милиони денари, а се вложувало во градот и во изградба на градски паркинзи и тротоари, така што во урбаниот и во руралниот дел на Македонски Брод се посветило сериозно внимание на безбедноста во сообраќајот.

Во Брвеница се реконструирани училиштата, Јегуновце го среди коритото на Вардар

Градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, истакна дека во општина Брвеница се реконструирани сите основни училишта, нова канализациона мрежа, инвестиции во механизација и 90% обновени патишта.

Градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, истакна дека проблемот со регулација на речното корито Вардар се надминати и решени.

Ново Село инвестира во младите и во спортот, изградба на канализациска мрежа во Босилово

На вчерашниот Саем-отчет зборуваа градоначалниците на Ново Село, Босилово, Василево и на Конче, презентирајќи ги најзначајните проекти од изминатите четири години.

Градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, нагласи дека се асфалтирани над 12 километри улици, изградени се 7 нови игралишта и 3 спортски терени, а е целосно реконструирана и спортската сала „Христо Татарчев“. „Инвестициите во младите и спортот се мој најголем приоритет,“ рече тој.

Во Босилово, градоначалникот Ристо Манчев посочи дека е започната изградба на канализациона мрежа во Моноспитово и дека се реализираат 45 проекти во различна фаза, меѓу кои нови локални патишта и 4 повеќенаменски спортски игралишта.

Субвенции во Василево, Конче работи на водоснабдување

Градоначалникот на Василево, Славе Андонов, потсети дека наследил долг од 100 милиони денари, но општината успеала да ја задржи ликвидноста и да реализира субвенции за клима-уреди, возачки дозволи, првачиња и новороденчиња. За првпат се донесени урбанистички планови во Ангелци, Градашорци и Владевци.

Во Конче, пак, градоначалникот Златко Ристов издвои проект за водоснабдување во село Габревци, вреден 8 милиони денари, со кој жителите добиле целосно и трајно снабдување со вода за пиење.

Карбинци, Зрновци и Чешиново-Облешево со подобра патна инфраструктура

Виктор Паунов од Карбинци наведе дека се асфалтирани 20 километри улици, расчистени се 6 диви депонии и инвестирано е во спортски терени со вложување од 10 милиони денари, како и во доградба на детска градинка.

Во Зрновци, Борчо Коцев посочи дека по 27 години е набавена комплетна механизација за зимско и летно одржување на патиштата – витален проект кој ја модернизира општината.

Градоначалникот на Чешиново-Облешево, Далибор Ангелов, издвои изградба на 2 нови булевари со атмосферска канализација во соработка со Светска банка, решен проблем со водоснабдувањето во Спанчево, како и реконструкција на спортски сали.

Могила со нова градинка, Новаци со нова индустриска зона

Градоначалникот на Могила, Драганчо Саботковски, ја издвои изградбата на нова градинка за 40 деца, најзначаен проект за општината во последните децении, како и асфалтирање на 30 улици и нова канализациона мрежа во Ивањевци.

Во Новаци, Стевче Стевановски ја најави изградбата на индустриска зона на 20 хектари и на 3 главни сообраќајници, инвестиција од над 60 милиони денари, која ќе овозможи отворање на нови фабрики.

Поврзани содржини