📷 НОВИ ПОЛИЦИСКИ „ЧУДА“ НА УЛИЦИТЕ Македонија доби 120 супермоќни „Peugeot 408“ за брза борба со криминалот
Премиерот Мицкоски и министерот Тошковски присуствуваа на промоцијата на новите автомобили кои ќе ја подобрат мобилноста на униформираната полиција низ целата држава.
Денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи беа промовирани 120 нови возила за потребите на македонската полиција. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на БЈБ Александар Јанев.
Министерството за внатрешни работи набави 120 нови автомобили „Peugeot 408 Allure 1.6 PureTech 215 KS EAT8“ за речиси 4 милиони евра, односно 239.068.000 денари. На веб-страницата за јавни набавки е објавен договор склучен на 18.08.2025 година.
Возилата се наменети исклучиво за униформираната полиција и ќе бидат распределени рамномерно низ полициските организациски единици во целата држава, со посебен фокус на Скопје како најголем град со најголеми безбедносни потреби.
– Безбедноста и расчистувањето на криминалот и корупцијата во државата се наш врвен приоритет како Влада, а Министерството за внатрешни работи е нераскинлива алка во тој процес – истакна премиерот Мицкоски на промоцијата.
Премиерот им честиташе на вработените во МВР и истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува ваквите проекти.
– Би сакал да им честитам на вработените во Министерството, на министерот, на луѓето коишто го водат ова Министерство, за успешно завршената набавка, за успешно завршениот проект и она што е многу важно – се подобрува мобилноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи. Владата ќе продолжи да ги поддржува ваквите проекти – рече премиерот.
Мицкоски им посака на вработените возилата да се користат што е можно помалку, нагласувајќи дека тоа ќе значи помалку криминал и криминалци на улиците.
Министерот Панче Тошковски појасни дека распределбата на возилата ќе биде рамномерна на национално ниво, со приоритет на градовите со поголеми безбедносни потреби, при што Скопје ќе добие поголем број возила за поефикасно и побрзо извршување на секојдневните полициски задачи.
– Ова е уште еден чекор кон модернизација на полицијата и подобрување на безбедноста за сите граѓани – додаде министерот.