НОВИ АПАРАТИ ЗА ДИЈАГНОСТИКА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ Капацитетот на центарот се зголемува за 50 отсто
Оваа опрема во новиот дијагностички центар за магнетна резонанца при ГОБ „8 Септември" е донација од Амбасадата на Италија во земјава.
Новите апарати за томографски магнетни резонанци и ултразвучниот апарат во Градската општа болница „8 Септември” ќе го зголемат капацитетот за 50 проценти, односно плус 15 пациенти дневно, што претставува голема предност за брза дијагностика на тешко болни пациенти, информира болницата.
Оваа опрема во новиот дијагностички центар за магнетна резонанца при ГОБ „8 Септември” е донација од Амбасадата на Италија во земјава, како дел од Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор.
На отворањето на центарот денеска присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Беким Сали, директорот на ГОБ „8 Септември”, Христијан Костов, како и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Италијанскиот амбасадор Силвестри порача дека пријателството во кое Италија зазема водечка улога е сè со цел да ја придвижи Северна Македонија кон европските стандарди.
– Во овој процес Италија сака да ја даде поддршката на конкретен начин, со бројни иницијативи за соработка, од земјоделски сектор сè до одбрана. Здравствениот сектор заслужува посебно внимание, бидејќи се соочува со тешки предизвици особено по пандемијата со Ковид-19, додаде амбасадорот.
Овој апарат е наменет за сите мускулно скелетни апликации, со нов пристап на дијагностика на магнетна резонанца. Магнетот и пациентот можат да ротираат од нула до 90 степени, со што пациентот може да се постави во стоечка состојба при скенирањето.
Директорот на болницата, Костов рече дека се посебно благодарни за оваа донација и за несебичната помош од Амбасадата на Италија.
– Апаратите се набавени во рамки на поголема набавка во вредност од 1,1 милион евра. Во тек е и обука на кадарот кои би требало да почнат со работа со пациенти. На почетокот се планираат по 15 пациенти дневно, а со текот на времето тој број ќе се зголеми. Само за илустрација, на годишно ниво во оваа болница околу седум илјади пациенти се снимаат на магнетна резонанца. Паралелно со новата апаратура, комплетно е реновиран и просторот со средства на установата – информираше министерот за здравство Сали.