Новата коска меѓу партиите: 60 дена пред следните избори – да или не?

598

 

Лага е тврдењето на СДСМ дека позитивната оценка што Венецијанската комисија ја дала за одржување избори по 60 дена од престанокот на вонредната состојба се однесува само на Грузија, затоа што тоа го има предвидено во нивниот Устав, и дека тоа мислење не важи за другите земји, реагира ВМРО-ДПМНЕ.






„Тоа е политичка манипулација и партиски спин што го навредува угледот на Комисијата, а членот на Македонија што ја претставува земјата во Венецијанската комисија тоа мора добро да го знае. Венецијанската комисија преку анализата на уставните и законските решенија на државите создава правни стандарди познати како soft law кои треба да се почитуваат од сите држави-членки на Советот на Европа. Не случајно компилацијата на мислењата за вонредната состојба за сите органи на Советот на Европа е основата врз која се градат 12-те бенчмаркови за државите, важни правила како треба да се организира државата во услови на вонредна состојба. Еден од тие бенчмаркови се и изборите и вонредната состојба“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, Снежана Калеска Ванчева, координаторка на Форум на Жени на СДСМ, изјави дека не е точно дека Венецијанската комисија наложила државите да организираат избори ако се поминати 60 дена по завршување на вонредната состојба.

– Последна лага на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е дека наводно Венецијанската комисија наложила државите да организираат избори ако се поминати 60 дена по завршување на вонредната состојба. Тоа воопшто не е точно и дополнително таква препорака не се однесува на нашата земја, туку само на Грузија, поради одредби во нејзиниот Устав. Да го подучиме Мицкоски, нашиот политички систем функционира по Уставот на Република Северна Македонија, а не по Уставот на Грузија. Самиот Извештај на Венецијанската комисија започнува со реченицата „Не постои формално правило во меѓународното право кое ќе им забрани на државите да одржуваат избори или референдум дури и за време на вонредна состојба“. Понатаму реферира на различни уставни и законски примери од државите за чии законодавства Венецијанската комисија давала мислење, меѓу кои е и Уставот на Грузија. Тој Устав предвидува дека по воена или вонредна состојба нема да се спроведуваат избори пред истек на 60 дена. Но, ВМРО-ДПМНЕ или не знае или се прави дека не знае дека во нашиот Уставн нема такво нешто. Нашиот Устав е поинаков и определува дека избори не може да има само за време на вонредна или воена состојба, односно дека за време на воена или вонредна состојба се продолжуваат мандатите на пратениците и на претседателот на државата. Ова воопшто не значи дека постои рок од 60 дена кои треба да поминат од крајот на вонредната до денот на изборите – рече таа денеска на прес-конференција.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека деновиве и ОБСЕ излезе со официјален став дека избори во време на пандемија можат да ги загрозат меѓународните стандарди. Оттаму го прашуваат СДСМ: Дали со уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес спротивно на сите европски стандарди одлучи арбитрерно да создаде нови изборни правила што не се предвидени во Изборниот законик?

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ дека инсистирајќи на побрз датум за избори го крши Изборниот законик и не ги почитува Уставот и Изборниот законик.

Поврзани содржини