НОВАК МЕ ЧЕСТЕШЕ ВЕЧЕРА ОД 300 ЕВРА СО САМО 3 ЕВРА ВО ЏЕБ Поранешен тенисер раскажува за мотивацијата на младиот Ѓоковиќ да стане број 1

Поранешен тенисер открива како младиот Новак Ѓоковиќ уште на 17 години бил убеден дека ќе стане светски број еден.

179

Новак Ѓоковиќ (38) важи за еден од најдобрите тенисери во историјата на спортот. Во текот на својата кариера освои речиси сè што може да се освои, а она што постојано го издвојувало била неговата силна верба во сопствените способности.

Многумина сè уште се сеќаваат на снимката од неговото детство, кога на телевизија изјави дека сонува да го освои Вимблдон и да стане светски број еден.






Интересна приказна од младоста на српскиот ас раскажа поранешниот чилеански тенисер Пол Капдевила, кој бил негов пријател во раните години од нивните кариери.

Вечера со три евра во џеб

Двајцата се запознале во 2004 година на турнир во Германија, каде што настапувале заедно во двојки.

– Патувавме и трениравме заедно, дури делевме и соба. Новак беше многу скромен, настапуваше со ограничен буџет, но и на 17 години играше неверојатно. Тој беше рангиран околу 160-то место, а јас околу 210-то – раскажал Капдевила во емисијата „En Cancha“.

Тој се присетил на една необична вечера што засекогаш му останала во сеќавање.

– Излеговме да јадеме, а Новак имаше само три евра во џебот. Сепак, ми рече: „Пол, јас ќе платам. Ќе бидам број еден во светот, ќе ги срушам сите рекорди“. Му одговорив: „Како ќе платиш кога немаш ни за чаша вода?“ – раскажува Чилеанецот.

Јастог, бифтек и сметка од 300 евра

Според неговите зборови, Ѓоковиќ без двоумење нарачал јастог, бифтек и вино.

– Разговараше како веќе да е светски број еден. Кога пристигна сметката – 300 евра, го прашав како ќе плати. Ми рече да не се грижам. Некако успеа, иако немаше ништо со себе, но никогаш не ми кажа како – вели Капдевила.

Тешките животни искуства како мотив

По вечерата, во хотелот, младиот тенисер му ја открил причината за својата силна мотивација.

– Морав да закопам школски другари за време на војната. Знам како изгледа сиромаштијата. Тоа ме направи силен и затоа ќе бидам најдобар – му рекол Ѓоковиќ.

Капдевила истакнува дека токму ваквиот начин на размислување бил темелот на подоцнежниот успех на српскиот шампион.

Кариера полна со рекорди

Денес, Ѓоковиќ е рекордер по број на освоени гренд слем титули – дури 24, а на врвот на АТП-листата помина повеќе недели од кој било друг тенисер. Неговата кариера, која трае повеќе од две децении, остави длабока трага во светот на тенисот и постави нови стандарди за идните генерации.

Поврзани содржини