Нова зима нè очекува и по пролетните избори во Бугарија
Професорот Денко Малески за Плусинфо вели дека не очекува нешто да се промени во преговорите со официјална Софија без оглед на исходот на изборите.
Што треба да очекуваме и колку за нас се важни резултатите од парламентарните избори во Бугарија кои треба да се одржат во март годинава? Одговорот е едноставен: прилично неважни. Впрочем, тоа го потврди и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која рече дека изборите нема да го сменат ставот на официјална Софија во поглед на европската иднина на Македонија.
Сличен став делат и домашните познавачи на меѓународната политика со коишто разговараше Плусинфо, а кои тврдат дека иако предизборниот период е најчесто најлошиот период за креирање компромиси помеѓу две земји, сепак, не треба да очекуваме претерано топли ветрови од исток.
Од друга страна, пак, голем дел од македонските политичари се убедени дека токму тие пролетни избори ќе бидат клучни за олабавување на стегнатоста и за целосна пресвртница во преговорите помеѓу двата соседа. Такви се очекувањата и на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој досегашното политичко делување на Бугарија го опиша со дефиницијата: „Во секоја држава предизборната атмосфера ги киднапира процесите“.
– Позицијата на Бугарија е дефинирана во договорот потпишан меѓу двете земји. Ние се водиме по тој договор. Менувањето на ставовите во однос на договорите кои се потпишани не помага во процес на создавање доверба и предвидливост меѓу државите – истакна Османи во неодамнешно интервју за Радио Слободна Европа.
Не треба да очекуваме дека Бугарите „ќе си легнат на брашното“ по изборите во март.
Професорот Денко Малески, кој беше прв министер за надворешни работи во независна Македонија, за Плусинфо вели дека не очекува нешто да се промени во преговорите со официјална Софија без оглед на исходот на изборите.
– Не треба да очекуваме дека Бугарите „ќе си легнат на брашното“ по изборите во март. Тоа нема да се случи. Тие имаат еден прилично солиден консензус по ова прашање, па според тоа не очекувам нешто да се промени без оглед на исходот на изборите. Јас не ја познавам премногу добро бугарската партиска сцена, но знам дека државната политика не ја формулира само една партија, туку тоа го прави збир на повеќе партии, меѓу кои се и националистите – рече Малески.
Тој додаде дека Македонија треба да учи од сопствените искуства од долгогодишните преговори со Грција.
– Ние имаме едно искуство со Грција и од тоа искуство треба да учиме. Треба да се запрашаме колку вреди притисокот на другите сојузници. Со примерот со Грција се покажа дека ништо не вреди. Преговорите траеја 29 години, а ако се сеќавате, земјите-членки на ЕУ еднаш ја дадоа на суд Грција поради економските блокади што ни ги правеше. Но, факт е дека Сојузот нема да се растури поради земја која тропа на вратата. Сите земји-членки имаат приоритет да го сочуваат единството на Сојузот – објаснува Малески.
Според анкетите спроведени во Бугарија во пресрет на мартовските парламентарни избори, најверојатно е дека шест партии ќе влезат во бугарскиот парламент. Најпопуларна партија помеѓу анкетираните е партијата ГЕРБ чиј лидер е актуелниот премиер Бојко Борисов, втора е опозициската БСП, трета е партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, а потоа следуваат ДПС, Демократска Бугарија, а на последното место се наоѓа партијата на актуелниот министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
Од сите овие партии, единствено ДПС отворено говори дека не ја поддржува позицијата на бугарската влада во однос на преговорите со Македонија. Според нив, Бугарија не требаше да ни поставува сопки на европскиот пат, а исто така сметаат дека решение на проблемот може да се изнајде преку подготовка на патоказ со кој би се решиле спорните прашања меѓу соседите.