📽️ НОВА ТРАГЕДИЈА ВО ТАЈЛАНД Двајца мртви по пад на втор кран врз автопат за два дена
Во несреќата што се случи вчера во североисточната провинција Нахон Ратчасима, кран падна врз воз во движење, при што беа повредени повеќе од 60 лица.
Две лица загинаа откако градежен кран се урна на автопат во Тајланд, што е втора ваква несреќа во само два дена.
Би-Би-Си објави дека само еден ден претходно, на спротивниот крај од земјата, во сличен инцидент животот го загубија 32 лица.
Втората несреќа се случи денеска во Самут Сахон, предградие на Бангкок, каде што се урна кран кој бил користен за изградба на експресен пат. На снимките од местото на настанот се гледа моментот кога конструкцијата паѓа врз автопатот и смачкува неколку возила.
Во несреќата што се случи вчера во североисточната провинција Нахон Ратчасима, кран падна врз воз во движење, при што беа повредени повеќе од 60 лица.
Градежните работи на двете локации ги изведува истата компанија – „Италијан-Тајланд Дивелопмент“, една од најголемите градежни фирми во земјата. Овие инциденти повторно го отворија прашањето за безбедноста на градилиштата во Тајланд, проблем кој често се поврзува со слабото спроведување на прописите и безбедносните стандарди.
A construction crane collapsed on Rama II Road in Samut Sakhon, Thailand 🇹🇭 (15.01.2026) pic.twitter.com/5HF0FJvkip
— Disaster News (@Top_Disaster) January 15, 2026
Во последните седум години, во рамки на проектот за унапредување на патната инфраструктура од Бангкок кон југот на земјата, регистрирани се околу 150 смртни случаи. Француските медиуми наведуваат дека експресниот пат каде што се случи денешното уривање меѓу локалното население е познат како „Патот на смртта“, поради бројните несреќи во изминатите години.
По вчерашниот инцидент, тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изјави дека владата ќе се справи со „небрежноста“ во градежниот сектор. Државните железници на Тајланд најавија и тужба против компанијата „Италијан-Тајланд Дивелопмент“.
Истата компанија беше одговорна и за изградбата на облакодер во Бангкок кој се урна во март минатата година за време на земјотрес, иако ниту една друга зграда во градот не претрпе слична штета.