Нов судија ќе ја води истрагата за експлозијата во Бејрут
Касацискиот суд донесе одлука да го изземе судијата Фади Саван од случајот со експлозијата.
Либанскиот суд нареди да се отстрани судијата што ја истражува експлозијата во пристаништето во Бејрут и случајот да му биде доделен на друг судија, соопштија денеска државните медиуми и судски извор, пренесе ДПА.
Касацискиот суд донесе одлука да го изземе судијата Фади Саван од случајот со експлозијата.
– Се вративме на почеток во истрагата за експлозијата во пристаништето во Бејрут од 4 август – изјави судски извор за ДПА.
Експлозијата беше предизвикана од стотици тони амониум нитрат, што беа несоодветно складирани во пристаништето. Во несреќата загинаа најмалку 193 лица, 6.000 беа повредени и околу 300.000 раселени.
– Ова е неуспех за жртвите на експлозијата бидејќи сега министерот за правда ќе мора да именува нов истражен судија, кој ќе мора одново да почне нова истрага – рече изворот, кој побара анонимност.
Судијата Саван во декември поднесе обвиненија против привремениот премиер Хасан Диаб, поранешниот министер за финансии, Али Хасан Калил, и поранешните министри за јавни работи Јусеф Фианиос и Гази Зејтер. Четворицата беа обвинети дека не ги преземале неопходните чекори за да се спречи разорната експлозија.
Двајца од министрите, Зејтер и Калил, исто така, во декември поднеле барање до Касациониот суд за отстранување на Саван од истрагата, наведе државната Национална новинска агенција (ННА).
Семејствата на жртвите од експлозијата и критичарите ја обвинија владата дека знаела за амониум нитратот, што бил складиран на пристаништето, но не преземала ништо, пренесе ДПА.