НОВ ПЕДИЈАТРИСКИ ПУНКТ ВО ПОЛИКЛИНКАТА БИТ ПАЗАР Идејата е да се отворат пунктови и на другите скопски поликлиники

Министерто за здрвство Арбен Таравари рече дека ќе се направат обиди да се отворат вакви пунктови и на другите скопски поликлиники ако има капацитет и минимум 6-7 педијатри подготвени да се договорат меѓусебе да дежураат.

120

Полесните случаи на болни деца од Клиниката за педијатрија ќе се лекуваат во поликлиниката Бит Пазар каде е отворен нов, целосно реновиран специјалистички педијатриски пункт. Пунктот ќе работи секој ден од 19.30 – 7.30 и во недела 24 часа, а располага со нов медицински мебел и инвентар, како и со сите потребни медицински средства за преглед, анализи и третман на деца до 14 години.

Вкупно 11 педијатри кои работат во Здравствениот дом – Скопје ќе даваат здравствени услуги во пунктот на Бит Пазар. Во тимот, покрај педијатар, ќе има и медицинска сестра и лаборант.






– За јакнење на дежурните служби на поликлиниката Бит Пазар ќе се отвори нов специјалистички педијатриски пункт што ќе работи секој ден од 19.30 – 7.30 и во недела 24 часа. Ќе се прегледуваат деца под 14 години. Тимот ќе се состои од специјалист педијатар, медицинска сестра и лаборант. Ќе се вршат општ преглед, лабораториски анализи на крв, урина, ЦРП и се останато што е основно за поставување првична дијагноза иќе се дава соодветна терапија. Пунктот е целосно реновиран, опремен е со нов медицински мебел и инвентар, како и со потребните медицински средства – рече директопрот на ЈЗУ Здравствен дом – Скопје Самир Исени кој денеска, заедно со министерот за здравство Арбен таравари беше во посета на поликлиниката Бит Пазар.

Како што истакна Таравари, ако некој случај е покомплициран, веднаш ќе се испраќа на Клиниката за педијатрија.

– Се работи за проблем што беше евидентен. Пред два-три месеца ги повикав директорите на Здравствениот дом и на Клиниката за педијатрија да разговараме. Моравме да изнајдеме решение за големиот дел под децата на Клиниката за педијатрија, тие што се полесни случаи да бидат третирани во Здравствениот дом и веќе денеска тоа го промовираме. Идејата беше за во почетокот на февруари, но не е доцна и сега. Всушност, 11 педијатри кои работат во Здравствениот дом – Скопје ќе даваат здравствени услуги, а пристап ќе имаат сите деца кои се полесни случаи, од 0 до 14 години, на кои им требаат примарно и секундарно здравство. Секој покомплициран случај, веднаш ќе се испраќа на Клиниката за педијатрија – нагласи министерот.

Според него, ќе се направат обиди да се отворат вакви пунктови и на другите скопски поликлиники ако има капацитет и минимум 6 – 7 педијатри подготвени да се договорат меѓусебе да дежураат. Сепак, потенцира, добро е што процесот стартуваше зашто било итно од некаде да се почне.

Министерот најави и други нови проекти.

– Се надевам за 15 дена ќе промовираме Клиника за инфективни болести, комплетно реновиран спрат и Клиника за урологија, комплетно реновирана. Интензивно работиме и на интензивна, интернистичка нега на Клиниката за токсикологија, но за таму ќе ни треба малку повеќе време – рече Таравари.

Одговорајќи на новинарски прашања, тој потврди дека има жалби за „Ало, докторе“ иако апликацијата функционира.

– Пациентите се јавуват и добиваат одговори, на некои од нив им се јавувам и јас лично. Сепак, имаат жалби. Проверуваме за што се. Се обидуваме да ја одржиме во континуитет комуникацијата со граѓаните за да прифатиме секакви жалби и поплаки – истакна Таравари.

Директорот Исени, пак, рече дека Здравствениот дом кубури со специјалисти, нема доволно невролози, дерматолози, а малку екипи има и за Итна помош.

– Во контакт сме со Министерството за здравство, се планираат неколку вработувања за да им се излезе во пресрет на граѓаните. Имаме недостиг на невролози, дерматолози, а мал е и бројот на сегашните екипи на Итна помош – напомена Исени.

Поврзани содржини