НОВ ФРОНТ ЗА СПАС НА МАКЕДОНСКАТА НАУКА Европа со огромен проект и средства притиска на гасот!

Според Марта Кацзмарек од ЕИТ, регионот добива 4,5 милиoни евра, а 8.000 таленти од Западниот Балкан веќе имале корист и успеале да се поврзат со поширокиот европски пазар. Таа вели дека ЕИТ Хабот на Машинскиот факултет во Скопје ќе биде како една станица каде сите, од сите сектори, ќе можат да се вмрежат еден со друг.

666

Кога имате апарати стари меѓу 10 и 23 години во вашата лабораторија каде секојдневно испитувате работи кои живот значат, како на пример, дали храната има екстра хемикалии или дали јогуртот и колачињата се доволно еластични, или пак откривате сосем нови нешта, а ви требаат барем 100.000 евра за еден нов таков апарат, можеби треба да реобмислите како вашата држава ги финансира иновациите, па дури и некој малку да ве поттурне.

Таква е ситуацијата со науката во Македонија, но помошта ни доаѓа токму во вистинскиот момент. Македонија добива „агресивна“ кампања од Европската Унија која треба да нè врати на шините. Европа назначува национален секретар за научни иновации кој ќе треба да им помогне на бизнисите со универзитетите каде иновациите се случуваат, а можеби најважно, ќе им ја отвори вратата на македонските иновации кон европскиот пазар.






Амбицијата на ЕИТ, Европскиот институт за иновации и технологија, кој ја отвори првата станица за Западниот Балкан токму во Македонија започнува една нова приказна, програма наречена „Хоризонт“ која треба да ја поттикне Македонија од сегашниот едвај половина процент, односно 0,37 одвоен од државната каса за научните истражувања, да стигне до 3 отсто како што се трудат земјите на ЕУ.

Националниот секретар од ЕИТ, Александар Стамболиев, најавува многу работа и тоа во девет различни научни сектори како што се климата, здравјето, производството, дигиталноста…

На средба со новинарите во тукушто отворениот Хаб на ЕИТ во Акцелераторот УКИМ при ИНОФЕИТ, тој вели:

– Наредните три години ќе работиме на носење на делегации коишто ќе ги престават своите инструменти пред нашата академска средина, а универзитетите, пред нашите компании. Целта е да се унапреди компетитивноста на европската економија, да се зајакнат помалите економии. Програмата ќе има многу повици кои ќе бидат наменети за бизнис-заедницата, како да се приклучат во ланецот на добавувачи кој го нуди токму ЕИТ, бидејќи вклучени се илјадници компании кои постојано бараат начин да ги понудат своите производи и услуги кои ги нудат на европскиот пазар. Се надеваме дека македонските компании ќе ја препознаат можноста да се пријават и да влезат во конзорциум со разните партнери – вели Стамболиев.

Најголемиот дел од истражувачката дејност во Македонија се врши на факултетите во Скопје, но и таму дел од работата е често само образовна.

Со една ретка лабораторија каде навистина се иновира во делот на храната, сепак, може да се пофали Технолошко-металуршкиот факултет. Таму, меѓу другото, се развиваат иновации за третирање на отпадот кој ја гуши околината. Новинарите имаа шанса накратко да видат како работат текстурометрите, апарати кои мерат дали, на пример, јогуртот е леплив или каква текстура и вискозност има она што го купуваме од продавница за да се прехраниме.

Професорката Весна Рафајловска ни открива дека оваа лабораторија за прехранбена и биотехнологија може да се амортизира, а убаво би било и да има нови инвестиции. Всушност, најголем дел од опремата е обезбедена преку меѓународни проекти и програми, поточно Темпус програмата.

– Потребна е секако многу поголема поддршка од државата за да обезбедиме апарати кои поточно ќе кажуваат дали храната е безбедна. Осовременување на опремата значи дека треба да се натпреваруваме со конкурентите од регионот. Се работи за стандарди кои треба да се исполнат, меѓународни, но и лабораториски – објаснува Рафајловска и вели дека лабораторија веќе има соработка со македонски фирми.

– Потребата се јавува и од индустријата и од кај нас. Ако каже индустријата ни требаат работници од тој профил, ние според тоа ја менуваме студиската програма.

Таа вели дека годишно факултетот публикува научни трудови и дека професорите имаат соработка со повеќе меѓународни универзитети.

На другата страна од комплексот кој ги сочинува техничките факултети, на Машинскиот факултет веќе тоа се случува, овојпат преку проекот Хоризонт на ЕУ. Со помош на грант од ЕИТ отворена беше „Смарт Лернинг Фектори“, а веќе навираат проектите и конактите со фирмите.

– Со колегите успеавме да добиеме проект и средства. Таа е прва ваква лабораторија на Балканот. Таа е отворена, не само за студентите туку и за академската јавност и за фирмите. Лабораторијата ќе биде изложно место за новите иновцаии, но и место за експериментирање за разни решенија, потоа тренинг центар за млади, а и за повозрасни луѓе за нивно дообразување. Веќе соработуваме со неколку фирми кои ќе креираат свои тренинзи – ентузијастички вели професорот Бојан Јованоски, а неговиот колега асистент ни покажува како работи хардверот на кој се прикачени разни иновативни копчиња, капаци и софтвер поврзан со целиот систем.

Според Марта Кацзмарек од ЕИТ, регионот добива 4,5 милини евра, а 8.000 таленти од Западниот Балкан веќе имале корист и успеале да се поврзат со поширокиот европски пазар. Таа вели дека Хабот на ЕИТ во Акцелераторот УКИМ при ИНОФЕИТ во Скопје ќе биде како една станица каде сите, од сите сектори, ќе можат да се вмрежат еден со друг.

– Еден од одличните примери како ЕИТ може да ги поддржи универзитетите е Инфрабустер програмата. Преку неа универзитетите ќе можат да научат како да ги комерцијализираат своите услуги, да ги лансираат иновациите на пазарот, значи да ги извадиме иновациите затворени меѓу четирите ѕидови на лабораториите, надвор на пазарот, за да можат граѓаните да имаат корист од поширокиот пазар во ЕУ.

Опремата за капитално истражување во земјава главно се наоѓа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од вкупно 70 истражувачки лаборатории и институти, кои лани биле консултирани за изработка на студијата „Патоказ за истражувачката инфраструктура на Северна Македонија“, 20 поседуваат единствена капитална истражувачка опрема во вредност од над 50.000 евра.

Eдинствената приватна истражувачка институција која поседува капитална истражувачка опрема вредна над 50.000 евра e Институтот за напредни композити и роботика од Прилеп, но и таму е проблем да се процени вистинската вредност бидејќи дел од машините се застарени.

Државата последен пат им вбризгала пари на лабораториите на факултетите во, сега веќе далечната, 2010 година!

Поврзани содржини