НОВ ЕНЕРГЕТСКИ КОЛАПС ВО КУБА Островот се потпира на 8 термоцентрали постари од 40 години

Официјална Хавана ја насочи вината за енергетската криза кон нафтеното ембарго наметнато од страна на Соединетите Американски Држави.

70

Кубанските власти синоќа започнаа со постепен процес за враќање на снабдувањето со електрична енергија по целосниот колапс на националниот енергетски систем, што е втор ваков инцидент за помалку од една недела. Официјална Хавана ја насочи вината за енергетската криза кон нафтеното ембарго наметнато од страна на Соединетите Американски Држави.

Државната електрична компанија соопшти дека во попладневните часови е вратена струјата во две третини од главниот град Хавана. Претходно, Министерството за енергија преку социјалната мрежа Икс прогласи тотален дефект на мрежата, што ги остави во мрак речиси сите 10 милиони жители на островот. Ова е седми ваков голем прекин во изминатите 18 месеци.






Според техничките извештаи, колапсот бил предизвикан од дефект на еден блок во термоцентралата „Нуевитас“ во централниот дел на земјата, што предизвикало домино ефект врз сите останати капацитети што биле во функција.

Енергетскиот сектор на Куба се потпира на осум застарени термоцентрали, од кои некои работат повеќе од 40 години. Овие капацитети често се соочуваат со хаварии или мора да бидат исклучени заради непланирано одржување. Додека владата тврди дека американските санкции го оневозможуваат одржувањето на инфраструктурата, независните економисти укажуваат и на хроничниот недостиг на државни инвестиции.

Кризата дополнително се продлабочи по прекинот на испораките на нафта од Венецуела, која е главен снабдувач на Хавана. Ситуацијата е дополнително отежната од заканите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за санкционирање на секоја земја што ќе испрати нафта за Куба, оправдувајќи го тоа со исклучителната закана која островот ја претставува за безбедноста на САД.

Хавана возврати со обвинување дека Вашингтон се обидува економски да ја задуши земјата, која е под ембарго уште од 1962 година.

Поврзани содржини