НОВ ЧЕКОР ЗА ЧИСТА ВОДА Се чисти водоводната мрежа, се очекува нормализација следната недела

Поставени 13 пунктови за техничка вода, доставени над 100.000 литри пакувана вода за пиење. Надлежните очекуваат прво техничка, а потоа и целосно безбедна вода за пиење.

0

Во Гостивар започна процесот на хиперхлорирање на водата и испирање на примарната водоводна мрежа, како дел од мерките за справување со состојбата предизвикана од загадувањето на водоводниот систем.

Информацијата ја соопшти министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Панче Тошковски, по состанокот на Централниот кризен штаб што се одржа во Гостивар.






Тој повтори дека новите анализи на земените примероци потврдиле присуство на штетни материи и загадување, што довело до здравствени проблеми кај неколку илјади жители на Гостивар.

– Преземени се технички чекори за чистење и испирање. Денес беше извршено чистење на каптажата (изворот), а започна и испирањето на примарната водоводна мрежа. Поставен е систем за дополнително хлорирање, односно хиперхлорирање на водата на самиот извор, со вредност од 0,8, што е во рамки на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето – изјави Тошковски.

Тој информираше дека за обезбедување техничка вода за граѓаните досега се поставени пунктови на 11 локации, а до крајот на денот бројот ќе се зголеми на 13 места каде што жителите ќе можат да наполнат вода за техничка употреба.

Во текот на денот биле доставени повеќе од 100.000 литри пакувана вода за пиење, како и во претходниот ден. Според Тошковски, во моментов нема недостиг од вода за пиење, а оваа поддршка ќе продолжи и во наредниот период.

Кога станува збор за нормализирање на водоснабдувањето, Тошковски посочи дека според мерењата на резидуалниот хлор се очекува до крајот на неделата или на почетокот од следната да има сигурна техничка вода за употреба од чешмите.

– Доколку во континуитет добиеме последователни чисти резултати, до крајот на следната недела се очекува целосно нормализирање на состојбата и враќање на безбедна вода за пиење – рече Тошковски.

Тој нагласи дека Кризниот штаб не работи само на надминување на моменталната состојба, туку и на воспоставување долгорочно решение.

– Целта не е само моментално надминување на кризата, туку воспоставување стабилен и современ систем за трајна контрола на квалитетот на водата во Општина Гостивар, користејќи ги искуствата и техничките решенија од Скопје – додаде Тошковски.

На состанокот на Централниот кризен штаб во Гостивар присуствуваа и повеќе владини претставници, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, како и раководителот на Главниот штаб за управување со кризи Стојанче Ангелов и градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Поврзани содржини