ИСТОРИСКА ОБНОВА НА ЈСП Ќе пристигнат 100 еколошки автобуси за скопјани

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека завршила тендерската постапка и јавното наддавање за набавката на новите автобуси, а по истекот на рокот за жалби следува потпишување на договорот.

0

Скопје е чекор поблиску до обновување на возниот парк на ЈСП „Скопје“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека успешно завршила тендерската постапка и јавното наддавање за набавка на 100 нови еколошки автобуси за главниот град.

Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил објави дека за завршувањето на постапката бил информиран по телефонски разговор со министерот за транспорт Александар Николоски.






Според него, за најповолен понудувач е избрана компанијата „IKARUS“, во соработка со ЕВН Македонија, кои ќе бидат задолжени за обезбедување на новите возила и инфраструктурата за нивно полнење.

– Ова е историски чекор кон сериозна обнова на возната флота на ЈСП „Скопје“ и почеток на нова ера во јавниот градски превоз – помодерен, почист, побезбеден и подостоинствен за скопјани – вели Ѓорѓиевски.

Тој упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски за поддршката што, како што наведува, ја добива градот Скопје.

По изборот на најповолниот понудувач започнува 10-дневниот рок за жалби, по што, доколку нема пречки, следува потпишување на договорот и започнување на процесот за испорака на автобусите.

– Кога постојат волја, посветеност и вистинска поддршка – нема невозможни работи. Кога се сака, сѐ се може! Скопје го правиме заедно – порача Ѓорѓиевски.

Новите автобуси треба да придонесат за модернизација на јавниот превоз, намалување на загадувањето и подобрување на условите за патниците во Скопје.

Поврзани содржини