НОВ БРАН ОТКАЗИ ВО ГУГЛ На вработените им се нудат отпремнини
Отпремнини им се понудени на вработените во повеќе оддели, вклучително и во Одделот за знаење и информации, Централно инженерство и тимовите за маркетинг, истражување и комуникации.
Технолошкиот гигант Google повторно нуди отпремнини за вработените во клучните оддели, во рамки на програмата за штедење за голема инвестиција во вештачка интелигенција, објави CNBC .
Отпремнини им се понудени на вработените во повеќе оддели, вклучително и во Одделот за знаење и информации, Централно инженерство и тимовите за маркетинг, истражување и комуникации.
Одделот за знаење и информации ги вклучува клучните деловни единици како што се Google Search, Ads и E-Commerce.
Сè уште не е познато точно колку вработени се засегнати од тековната понуда.
Новите отпуштања се продолжение на серијата која е започната од јануари 2023 година, кога отпушти 12.000 луѓе.
Програмата за доброволно заминување се однесува на вработените во САД.
Околу 20.000 вработени моментално работат во одделот за знаење и информации.
Во октомври, во тој оддел беше спроведена реорганизација, по што менаџерот на Google, Ник Фокс, го презеде неговото управување.
Во интерно писмо испратено вчера, Фокс им порача на вработените внимателно да размислат што ќе одлучат.
„Сакам да бидам апсолутно јасен: Ако вашата работа ве возбудува, ако се чувствувате енергични од предизвиците што претстојат и ако добро ја работите вашата работа, искрено се надевам дека нема да се согласите на пакет отпремнина! Имаме амбициозни планови и многу работа пред нас“, напиша Фокс.
Истовремено финансискиот директор на Google, Анат Ашкенази, најавува дополнителни мерки за заштеда, особено во контекст на планираните инвестиции во инфраструктура за вештачка интелигенција во 2025 година.
Google го менува и својот внатрешен образовен систем, и наместо сегашните општи програми, платформата ќе се фокусира повеќе на едукација на вработените за користење на модерни алатки за вештачка интелигенција во нивната секојдневна работа, пишува CNBC.