НОВ АВИОН, ЖИЧНИЦА И САЕМ ВО СКОПЈЕ Томовски откри дел од плановите на Владата

СОЗР најавува големи инфраструктурни промени – нов саем, можно купување владин авион и жичница од Козле до Водно, додека повеќе од 3.000 службени возила веќе добија нови регистарски таблички.

125

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најави дека Скопје би можело наскоро да добие нов саем, но и жичница што би ја поврзувала детската болница во Козле со Средно Водно. Во гостување на „Сител“ тој откри и дека Владата размислува за набавка на нов владин авион кој би го заменил застарениот „Лирџет“.

Томовски објасни дека сегашниот владин авион е стар две децении, скап за одржување и со ограничен капацитет.






– Владиниот авион има само шест седишта и е тотално некорисен. Користиме репарирани делови што веќе не се произведуваат, често е на поправка, а од следната недела пак оди на сервис во Германија. Тоа е како да одржуваме олдтајмер – изјави тој.

Додаде дека постапката за набавка на нов авион сè уште не е започната, но дека веќе има заинтересирани компании кои доставиле понуди.

– Мора да формираме работна група, а мој предлог е во неа да има и министри. Треба да утврдиме што е најевтино и најкорисно за државата – рече Томовски и најави дека работната група би можела да се формира до крајот на годината.

Во однос на идејата за нов скопски саем, Томовски откри дека веќе се бара соодветна локација.

– Скопје и Косово се единствени во регионот без саем. Имаме инвеститори кои сакаат да го изградат и стопанисуваат со него. Очекувам многу брзо да имаме конкретна локација – изјави тој.

За најавената жичница, потребно е да се започне со физибилити студија.

– Во план е да се види изводливоста, па потоа да се разговара за реализација – додаде Томовски.

Томовски посочи дека над 3.000 службени возила веќе добиле нови обоени регистарски таблички.

– Ги тестиравме на „Сејф сити“, камерите ги читаат без проблем. Секој што ќе регистрира возило ќе добие таблички во боја – рече тој, нагласувајќи дека нема ниту еден случај на партиска злоупотреба.

Во врска со прекршоците снимени од камерите, тој појасни дека најпрво пристигаат кај лизинг-компаниите што ги издаваат службените „шкоди“.

– Ние точно знаеме кој ги должи возилата. Сметам дека треба да се менува Законот, па прекршоците да ги плаќа возачот – оној што го направил прекршокот – истакна директорот.

Во однос на можноста за ГПС-систем, Томовски рече дека ќе се почека да се анализираат резултатите од „Сејф сити“.
– Сметам дека ќе има потреба, а годинава планираме да започнеме постапка – додаде тој.

Томовски се осврна и на работењето на „македонското село“ во Нерези.

– По пет-шест години затвореност, конечно заживеа. Остваруваме приход и имаме убава туристичка дестинација во сопственост на државата – рече тој.

Поврзани содржини