Нов 21 случај на коронавирус во Грција, вкупно 352
Од потврдените случаи повеќето се во Атина, 51 отсто се мажи, а досега се анализирани 4320 примероци, а останати се околу 200 примероци што треба да се тестираат и веројатно резултатите ќе бидат готови во текот на утрешниот ден.
Во изминатите 24 часа во Грција, регистриран е 21 нов случај на коронавирусот, со што вкупната бројка на заразени лица се искачи на 352, јави дописничката на МИА од Атина.
Претставникот за коронавирусот на Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, на денешната редовна прес конференција соопшти дека д потврдените случаи во земјата, за 51 случај е непознато потеклото, односно непознато е како овие лица се заразиле со Ковид – 19.
Хоспитализирани се 65 лица, девет се приклучени на апарати во болници во Атина, Солун и Патра, а десет се пуштени дома.
Од потврдените случаи повеќето се во Атина, 51 отсто се мажи, а досега се анализирани 4320 примероци, а останати се околу 200 примероци што треба да се тестираат и веројатно резултатите ќе бидат готови во текот на утрешниот ден.
Новите мерки кои претходно беа најавени за време на брифингот со заменик -портпаролката на грчката влада, ги детално ги објасни новиот заменик –министер за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас.
Рече дека во рамките на мерките за заштита, од задутре, прекинуваат со работа, продавниците што имаат контакт со луѓе, а мерката не се однесува на супермаркетите, аптеките, фурните, месарниците, минимаркетите, продавниците за овошје и зеленчук, доставувањето храна, трафиките, бензинските пумпи, банките, службите на брза пошта (за да се олесни онлајн купувањето), сервисите за поправка на возила, продавници за миленичиња.
Паралелно, супермаркетите ќе бидат со продолжено работно време, односно од 7 до 22 часот, а ќе бидат отворени и во недела.
Хардаљас соопшти дека од денеска, по негова наредба и со одлука на генералниот секретар за цивилна заштита, две села во близина на Козани се во карантин во следните 14 дена и на граѓаните им е забрането да излегуваат од селата.
Оваа одлука доаѓа откако кај голем дел од жителите се појавиле благи симптоми на коронавирусот.
Професорот Циодрас и заменикот- министер за цивилна заштита упатија повик до сите оние кои што се враќаат во Грција од европските земји, особено за младите кои доаѓаат од Велика Британија веднаш да се стават во 14-дневна самоизолација.
Одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на ЕК за затворање на границите на Европската унија, Циодрас рече дека „вирусот не ги почитува границите, колку граници и да поставиш, главната мерка е индивидуалната одговорност“.
Претставникот за коронавирусот на Министерството за здравство на Грција, епидемиологот Сотирис Циодрас, денеска присуствуваше на почетокот на состанокот на Светиот синод на грчката Православна црква со цел да ги извести за актуелната ситуација со коронавирусот во земјата.
-Ги замолив да имаат разбирање за прашањата поврзани со собири во храмовите и ја истакнав потребата да избегнеме нашите храмови да станат центар на пренесувањето на вирусот, рече Циодрас.