НИЛ ЈАНГ СЕПАК ГО ДИСЦИПЛИНИРА ЏО РОГАН Подкастерот ќе ја менува својата емисија
Компанијата Спотифај најави дека работи на систем кој ќе спречи дезинформации во врска со ковид-19, посебно за оние подкасти на кои се разговара оваа тема.
Во битката за Спотифај работите се менуваат брзо. Откако канадскиот пејач Нил Јанг се закани дека ќе ја повлече својата музика поради подкастот на Џо Роган кој е доста популарен на таа мрежа, тој наиде на многу потсмешливи коментари од јавноста. Никој не очекуваше дека неговата реакција ќе вроди со некаков плод, но сепак работите изгледаат поинаку.
Роган во 10-минутно видео на Инстаграм денеска објави дека ќе се обиде да го смени концептот на својата емисија за таа да биде поопфатна и да разгледува и други ставови од тие што ги пропагира. Тој нагласи дека целта на неговиот подкаст е едноставна – да разговара со луѓе и додаде дека можеби некои информации ги разбрал погрешно. Секој подкаст на Роган го слушаат просечно 11 милиони слушатели.
Овие реакции дојдоа по интервјуто на Роган со двајца познати доктори кои изразија сомнеж во податоците и ставовите на американскиот Центар за превенција и контрола на болести.
Нил Јанг го обвини Роган дека шири дезинформации за пандемијата со ковид по што најави повлекување на својата музика од Спотифај, а за што го поддржа и неговата колешка Џони Мичел.
На ваквите барања се огласи и самата компанија која вели дека работи на систем кој ќе спречи дезинформации во врска со ковид-19, посебно за оние подкасти на кои се разговара оваа тема. Спотифај истакна дека ова го прави со цел да не се шират лажни вести, чекор што го поздрави и самиот Роган.
Во анализа за Би-Би-Си, Маријана Спринг, експертка за социјални медиуми, објаснува дека овие чекори на Спотифај се повеќе поради притисокот на јавноста кон социјалните мрежи за објективно информирање во врска со ковид. Таа додава дека оваа алатка на Спотифај е слична на онаа на Јутуб и на Фејсбук кои можат да исклучуваат профили и да отстрануваат содржини кои не се научно поткрепени или шират лажни вести.