Николовски: Јас го координирав разрешувањето на директорот на струшката болница
Вицепремиерот вели дека бил во постојана координација со надлежниот инспекторат и дека биле преземени сите мерки кои се во нивна надлежност.
Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, денеска на Фејсбук објави дека директорот на струшката болница Мухамед Асани е разрешен затоа што немало компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните.
Николовски вели дека бил во постојана координација со надлежниот инспекторат и дека биле преземени сите мерки кои се во нивна надлежност.
„Изминатиот период бев во постојана координација со надлежниот инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој веднаш ги презеде сите мерки што се во нивна надлежност. Инспекторатот изврши вонреден надзор, и по констатирањето дека во домот на Асани има дива гинеколошка ординација веднаш му издаде решение за забрана за вршење на здравствена дејност“, напиша Николовски на Фејсбук, додавајќи дека во тек е истражна постапка по пријава за кривична одговорност во Основното јавно обвинителство Струга.