Николоски: Заев со најскапиот адвокат ме тужи за политичка изјава, ова го нема во демократскиот свет
Повторно сме сведоци на еден апсурд, а тоа е дека ја малтретираме јавноста и вас и Судот и себе со апсурдни работи кои што ги смислува власта. Денес најмоќниот во државата, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев ме тужи за клевета, изјави денес пред судот потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски
– Ова е работа која што не е видена во демократскиот свет иако не може да најдете ни една демократска држава, европска држава, држава членка на Европска Унија каде најмоќниот човек во државата за политичка изјава тужи за клевета потпретседател на најголемата опозициона партија – рече Николоски.
Тој по одложеното рочиште, рече дека наспроти ангажманот на најскапата адвокатска канцеларија во земјата од страна на тужителот премиерот Зоран Заев, тој самиот се брани затоа што на негова страна е вистината.
Тој истакна дека спорната изјава не била демантирана, а семејството Заеви биле опседнати со него, бидејќи претходно за клевета бил тужен и од Вице Заев, братот на премиерот.
– Она што исто така е забележително и во претходниот и во овој случај е дека како што не се појави Вице Заев на рочиштето на кое ме тужеше за клевета, на ист начин денес Зоран Заев не се појави на рочиштето на коешто ме тужи за клевета. Напротив, избра да испрати адвокат од најскапата адвокатска канцеларија во Македонија, а јас еве повторно решавам да се бранам сам затоа што веројатно онаму каде што е вистината нема потреба од адвокати, а онаму каде што не е вистината има потреба од скапи адвокати – изјави Николоски.
Тој додаде дека во овој судски процес ќе ја докаже вистинитоста на неговата изјава.