Релевантните анкети, оние кои се теренски покажуваат големо водство на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ и покажуваат дека граѓаните ќе го казнат Заев за играњето со државните и национални интереси, недобивањето на датум и лошото справување со корона и економската криза, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Трилинг“ на 24 ТВ.
Николоски во однос на неодамнешната анкета на ИРИ вели дека таа е правена во месец март, а се објави во јуни и прашање само по себе зошто е тоа така, но потсети дека на последната анкета која ја има ВМРО-ДПМНЕ и која што е теренска, ВМРО-ДПМНЕ има 21,7% проценти, СДСМ има околу 14%.
– Тоа е доказ дека од март досега се случи топење на СДСМ во делот на корона кризата не набавија вакцини, имаше ужас во делот на корона кризата, финансиски имаше лоша ситуација и излегуваат разговори кои Заев ги води во однос на националните прашања. За анкетата на ИРИ битна е медотологијата. На пример, за градоначалниците маргината на грешка е 6% во анкетата на ИРИ, а стандардна маргина не е повеќе од 2%. Второ, не може да се постави прашање за непознат противник како што е прашањето дали би гласале за кандидатот на СДСМ тој и тој, или кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ кој не е објавен. За да може да ги мерите треба да се знаат двајцата, за да може да се споредуваат – рече Николоски.
Тој додаде дека за локалните избори во однос на кандидат за Скопје се гледа расположението кај граѓаните и тука се мерат и партиски и непартиски личности и сите стојат подобро од Шилегов.