Никола Пановски: За 17 дена во ноември се издадени 44.500 рецепти за „сумамед“ и 14.500 рецепти за „панцеф“

Во 100.000 пакувања во „домашните аптеки“ се затворени најмалку 500.000 евра, а од друга страна лице кое пиело прекумерна доза антибиотици кога ќе биде примено во болница поради било која причина, особено ако биде примено на интензивна нега, неговата одбрана од бактериски инфекции е значително намалена.

943

По повод Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици и Светската недела за разумна употреба на антибиотиците 18-24.11.2020 проф. д-р Никола Пановски, претседател на Комисијата за контрола на АМР на Македонија, направи осврт за користењето на антибиотиците во земјава.

„Факт е дека кај нас на голем дел од пациентите позитивни на ковид им се препишуваат антибиотици, како превентива. За жал, тоа не е целата приказна, антибиотици на товар на ФЗО се препишувани и на здрави лица, кои не биле воопшто позитивни на ковид. Така, според првичните податоци од ФЗО, во првите девет месеци, реализирани се за 57% повеќе рецепти за азитромицин таблети од 500 мг (познат под заштитено име „сумамед“, но го има и како „хемомицин“, „азимед“ итн.) во однос на истиот период минатата година, или во бројки, околу 190.000 оваа година во однос на 120.000 лани. Разликата е 70.000 рецепти.






Втора форма за која има зголемување од 17% е лекот „цефиксим“, таблети од 400 мг (познат како „панцеф“). Многу е важно дека луѓето купуваат антибиотици со свои средства, за што не располагаме со точни податоци, но според моите проценки има најмалку уште 50.000 купени пакувања азитромицин во овој период. И на крај, до 30.09.2020, имавме нешто помалку од 18.000 позитивни. Какво ќе биде пропишувањето и купувањето на овие лекови до денес, кога имаме 2,5 пати повеќе ковид позитивни, близу 50.000 или до крајот на годината, кога таа бројка ќе изнесува најмалку 100.000 позитивни?

Значи за ковид 19 не е предвидено превентивно давање на антибиотици, а не е предвидено за било која вирусна болест. Таква пракса нема во ниту еден протокол во целиот свет, па ни кај нас. За болни од ковид-19, предвидено е само кај одредени случаи каде се сомневаме дека се јавила бактериска инфекција, која треба да ја потврдиме со лабораториски наоди, да се пропише антибиотик, но не мора овие два антибиотика, зависи од причинителот, односно видот на бактеријата.

Што значи реализиран рецепт? Тоа е рецепт кој бил пропишан од матичниот лекар на рецепт од Фондот и истиот бил подигнат од осигуреникот. Значи до 30.09.2020 година имаме 18.000 ковид позитивни, од нив најмалку 10.000 се без или со лесни симптоми, а пропишани и купени таблети азитромицин најмалку 120.000 пакувања!!!! Значи и сите 18.000 да испиле по едно, па и по две пакувања, остануваат уште околу 100.000 пакувања во домашните аптеки.

Кои се последиците од ова во огромен дел нерационално пропишување или купување на овие антибиотици? Во овие 100.000 пакувања во „домашните аптеки“ имате затворено најмалку 500.000 евра кои можеле да се потрошат таму каде што треба. Тоа е помалата штета. Поголемата штета е кај оние кои пиеле еден или два антибиотика, некои и во двојни дози, а за тоа немало никаква потреба. Кај тие лица нормалната микрофлора во дигестивниот систем, од устата па натаму, е редуцирана, намалени се „добрите бактерии“ – чуварите на нашето здравје. Во следните 2-3 месеци, лице кое пиело антибиотик со широк спектар на дејство е помалку отпорно на инфекции со патогени бактерии – „лошите бактерии“. Ако такво лице биде примено во болница поради било која причина, особено ако такво лице биде примено на интензивна нега, неговата одбрана од бактериски инфекции е значително намалена. Имено неговиот дигестивен систем е „празен“, во него лесно и брзо се населуваат болничките бактерии отпорни на скоро сите антибиотици. Кога има „добри бактерии“ тие ја чуваат територијата, на пример ја чуваат усната празнина, и „лошите бактерии“ немаат простор каде да се размножат.

Ова особено важи за пациентите со ковид, зошто дел од нив ќе завршат во болница, за жал прехоспитално подготвени да ги примат брзо болничките бактерии. Пневмонијата од тие бактерии е многу тешка за лекување.

Глобален проблем е зголемната отпорност на бактериите поради неразумно давање антибиотици. Така, ќе се јави зголемена резистенција на бактериите не само кон азитромицинот, туку и кон другите макролидни лекови, слични на него, како на пример кон кларитромицинот. Со кларитромицинот се лекува улкусна болест и гастрит. Значи, во иднина може како последица на зголемена употреба на азитромицин, да имаме отежнато лекување на чир или гастрит, поради проширена резистенција на Helicobacter pylori кон кларитромицин.

На крај, една позитивна работа би нагласил, а тоа е дека пропишувањето на другите антибиотици, па и на овие два во форма на суспензија или таблети за деца, е намалено во услови на пандемија. Тоа е очекувано, имаме многу помалку други респираторни инфекции во овој период, поради воведените мерки за спречување на ширење на инфекциите. Да не е ова непотребно пропишување на овие два лека, веројатно крајот на годинава ќе ја дочекавме со 10-15 % намалување на потрошувачката на вкупниот број на антибиотици на товар на Фондот.

Според податоци од ФЗО, за октомври 2020, за азитромицин таблети 500мг („сумамед“) се издадени 42.000 рецепти, за „цефиксим“ таблети 400 мг („панцеф“) 13.500 рецепти. За 17 дена во ноември се издадени 44.500 рецепти за „сумамед“ и 14.500 рецепти за „панцеф“. Во тој период има 30.000 нови позитивни на ковид-19, а пропишани 86.500 +28.000 рецепти.

Проценката е дека до крајот на годинава ќе се реализираат 200.000 рецепти „сумамед“ и 60.000 рецепти „панцеф“ повеќе од 2019. Ако имаме 100.000 САРСКов2 позитивни, ако од нив 15.000 (15%) се со некакви компликации, можеби и бактериски инфекции, од каде 260.000 рецепти, па и за 15.000 болни и зошто баш тие антибиотици, кога има уште дваесетина други???“

 

Поврзани содржини