НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ ВАКВО ЗЛОСТОРСТВО Мицкоски апелира да не се заборави најтажниот ден од македонската историја
Македонија и македонските граѓани никогаш нема да ја заборават тагата и страдањата на овие семејства. Никогаш да не се повтори ова злосторство и болно минато, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод 80 години од ликвидирањето на македонските Евреи во Треблинка, упати порака никогаш да не се повтори ова злосторство и болно минато.
„Во далечната 1943 година цели еврејски маала со своја традиција и култура во Скопје, Битола и Штип остануваат празни. Дури 98 проценти од еврејската популација, односно 7144 македонски Евреи од кои 1500 биле деца под 15 години се задушени во гасните комори на Треблинка. Овој ден значи системска елиминација на еврејското население и е најцрниот и најтажниот ден за македонската историја и Македонија. За стравотиите од ликвидирањето на македонските Евреи од страна на фашистичкиот окупатор кои на суров начин ги загубија своите животи има бројни докази, сведоштва за нивната голгота, траорни судбини“, напиша Мицкоски.
Тој изрази жалење за она на кое што била изложена Еврејската заедница во минатото.
„Македонија и македонските граѓани никогаш нема да ја заборават тагата и страдањата на овие семејства. Никогаш да не се повтори ова злосторство и болно минато“, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил