НИКОЈ НЕМА ДА ГО ЧЕПНЕ АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК, НЕКА БИДАТ СПОКОЈНИ ГРАЃАНИТЕ Костадиновски вели дека премногу се манипулира со ова прашање

565

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во интервју за емисијата „Со факти“, емитувана на 08.04.2026 година на МРТ 1, упати јасна порака до јавноста во врска со Законот за употреба на јазиците за кој се води предмет во Судот, нагласувајќи дека неосновано се создаваат стравови и политички тензии околу ова прашање.

– Сакам да упатам еден апел бидејќи гледам премногу се манипулира со ова прашање. Никој нема да го чепне албанскиот јазик. Уставниот суд постои за да помогне во уставно-загарантираните права дали се јазични, дали се соодветна правична застапеност, да бидат заштитени а не да ги укине. Тие се уставна категорија така што не ги прифаќам никако тие квалификации дека некој сака да го укине, да ја намали употребата или да го загрози албанскиот јазик. Апсолутно се неточни – рече Костадиновски.






Тој потенцира дека одлуките на Судот ќе имаат за цел да ја олеснат практичната примена на правата.

– Нашите одлуки можат само да ја олеснат примената на албанскиот јазик така што нашите сограѓани Албанци да бидат спокојни, никој нема да го чепне албанскиот јазик – порача тој.

Костадиновски посочи дека мислењето на Венецијанската комисија не треба да се толкува селективно, бидејќи содржи и пофалби, но и забелешки.

– Прво Венецијанската комисија кажува за разлика од Законот од 2008 година. Овој закон од 2018 година значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и Венецијанската комисија вели дека тоа е за пофалба, дури и се поздравува волјата на властите во Македонија за унапредување на јазикот на заедниците, и тоа навистина за пофалба, но Венецијанската комисија вели дека со одредени одредби во одредени области се оди предалеку – рече тој.

Во врска со поништувањето на измените за платите на судиите од страна на Уставниот суд, тој рече:

– Постојат бројни меѓународни стандарди како што е Европската повелба на судиите, како што е Венецијанската комисија… Сите тие укажуваат дека дури и во услови на криза, не може да се намалуваат платите на судиите. Зошто? Затоа што така се гарантира нивната независност и самостојност. Во околности во кои се наоѓа Македонија каде што недовербата во системот е на историски најниско ниво, вреди да се заштити независноста и самостојноста на судската власт, но и таа власт стварно треба да почне да испорачува резултати.

 

Поврзани содржини