НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КАДЕ ГРАЃАНИТЕ ДА ГИ ФРЛААТ СТАРИТЕ ЛЕКОВИ Иако пишува дека не смее, сите лекови завршуваат во обична канта
Нашата потрага по одговорот каде можат граѓаните да ги фрлаат лековите на кои им истекол рокот на употреба или пак не се веќе за употреба, заврши неуспешно – никој не знае каде треба и никој не е надлежен
Во соседството или барем е така во Србија, со нивниот закон за управување со отпад, сите аптеки се обврзани да примаат лекови со поминат рок што им ги носат граѓаните. Дали ова кај нив освен во теорија, функционира и во пракса, не знаеме, но знаеме дека кај нас не е така ниту во теорија, ниту во пракса.
Бидејќи секој од нас се нашол во ситуација кога лековите кои му ги препишал доктор не ги искористил до крајот бидејќи немало потреба, а откако ги отворил повеќе не се за употреба или пак им поминал рокот, а на секој лек пишува дека не смее да се фрлаат во обичниот смет, решивме да дојдеме до одговор за ова прашање кое ги интересира сите граѓани. Што да прават со овие лекови?
Кога истекува рокот на лековите, за нив е опасно да останат во домаќинството, а нивното фрлање во обичниот смет е подеднакво штетно.
Кај нас во аптеките велат дека според договорите што ги имаат аптеките со производителите на лекови, тие се однесуваат на уништување само на отпадот што го создава аптеката. Затоа, фармацевтите велат дека кај нив нема можност граѓаните да ги носат лековите што се за фрлање, барем додека тоа не биде уредено на овој начин во законот за управување со отпад од кој се очекува попрецизно регулирање на тој проблем.
Додека ова прашање законски не се реши, на граѓаните им се советува да не фрлаат отпад во природа, да внимаваат на рокот на траење на лековите и да не ги купуваат во поголема мерка отколку што е пропишано.
Во меѓувреме не упатуваат да се обратиме во поликлиниките и во стоматолошките ординации. Оттаму пак велат дека нивните канти се за нивниот отпад од овој тип, но не и за оној на граѓаните кои би дошле за да фрлат неупотребливи лекови од своето домаќинство.
Според Министерството за животна средина, „согласно Законот за управување со отпад, општините се обврзани да обезбедат места за собирање на опасен отпад од домаќинствата (во кој спаѓаат и лековите со изминат рок). Притоа, ни кажаа од министерството, се мисли на сите општини во државата, вклучувајќи ги и сите одделни општини во Скопје кои исто така ја имаат оваа обврска со тоа што тие мора да се усогласат со Град Скопје“.
Меѓутоа, во општина Центар добивме одговор дека тие немаат никаква врска со отпадот и не упатија да се обратиме во комунална хигиена.
Од град Скопје пак, преку имејл ни одговорија дека во моментов немаат одговор на прашањето зошто немаат таква услуга. Според нив, „КХС има услуга за медицински отпад, па можно е ова да е вклучено во неа …“
Во инспекцијата за животна средина велат дека и тие немаат ингеренции за отпадот, ниту пак технологија и дека треба да се обратиме за ова кај комунална хигиена.
Ана-Марија Бранѓолица, раководител на Секторот за поддршка на менаџментот во ЈП комунална хигиена – Скопје, иако кога ја побаравме беше на одмор, се одзва на повикот, но не ни ја реши дилемата. Бранѓолица ни кажа дека ниту тие не се надлежни за овој тип на отпад, кој инаку го собираат од Дрисла.
ЈП депонија Дрисла пак е надлежно само за медицинскиот отпад на амбулантите, поликлините и болниците, а за старите лекови на граѓаните не постои решение. Имено, Дрисла е надлежна да го собере отпадот од таму каде што постојат канти за ваков отпад, но не и за да постави такви канти.
„Во депонијата Дрисла е инсталирана печка за согорување на медицински отпад и лекови со поминат рок, во која се третира (согорува) отпадот. Цената за согорување на медицински отпад и лекови со поминат рок е 45,00 ден./кг., а за собирање, транспортирање и согорување на медицински отпад е 56,00 ден./кг.
ЈП депонија Дрисла Скопје има дозвола за собирање, транспортирање и согорување на медицински отпад и лекови со поминат рок од јавните и приватните здравствени установи, аптеки, фабрики за производство на лекови и други правни лица со кои склучува договор за согорување на овој вид на отпад.
Во однос на прашањето за тоа каде физичките лица може да го одложат овој вид на отпад може да се обратите во Министерството за здравство и Бирото за лекови“, велат оттаму.
И така, иако ова не би требало да е многу изненадувачки со оглед на тоа што кај нас сè уште нема решение ниту за наједноставното селектирање на комунален отпад, пластика, стакло и хартија, сепак зачудува тоа што никој ниту не помислил на проблемот на граѓаните со старите лекови. Колку што сфативме, сите кои ги прашавме за ова и самите ги фрлаат старите лекови во обична канта за ѓубре, па ништо друго не им преостанува ниту на обичните граѓани.