НИКОЈ НЕ МУ ВЕРУВА НА КАСТРИОТ РЕЏЕПИ Анкетираните сметаат дека пратеникот принудно отсуствувал од седницата
Мнозинството испитаници сметаат дека Реџепи бил принуден да не се појави на собраниската седница.
Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) спроведе кратко телефонско истражување во периодот помеѓу 19 и 21 ноември 2021 на 1105 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија. Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за нивната поддршка за политичките партии и политичари, како и за одредени актуелни прашања во моментот.
Најинтересниот резултат од анкетата на ИПИС е рејтингот со кој во моментов располагаат политичките партии во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто триумфираше на неодамна одржаните локални избори во земјава, очекувано има највисок рејтинг од 22 отсто. СДСМ е на втората позиција со 17,5 отсто, додека ДУИ е на 6,8 отсто. Од испитанитиците во анкетата, вкупно 15,3 отсто не сакале да дадат одговор, додека 11,4 отсто не знаеле за која политичка партија би гласале на избори.
Што се однесува до одговорите на прашањето во кој политичар имате најголема доверба, испитаниците во најголем процент го преферираат Христијан Мицкоски(18,2) од ВМРО-ДПМНЕ, додека премиерот и партиски лидер во оставка, Зоран Заев, ја ужива довербата од 14,8 отсто од анкетираните граѓани.
Во истата анкета беше содржано и прашањето во врска со постапката на пратеникот на Беса Кастриот Реџепи, кој не се појави во собраниската сала кога опозицијата се обидуваше да создаде ново парламентарно мнозинство и да ѝизгласа недоверба на владата. Мнозинството испитаници сметаат дека тој бил принуден да не се појави на собраниската седница.
Од ИПИС информираат дека заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, бил креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата. Истражувањето беше реализирано со користење на случаен примерок кој беше стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Република Македонија. Во него беа запазени демографските специфики на населението како полова структура, старосни групи, степен на образование и етничка припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности.
Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС.