Никој не е поштеден: Ковид-19 и го нанесе најголемиот удар на нарко-мафијата во историјата
Деловни загуби претрпеа сите - од најниските слоеви на уличните дилери, па сè до самите нарко-барони кои управуваат со овој профитабилен бизнис.
Додека светското внимание го привлекува фактот дека пандемијата предизвикана од коронавирусот се заканува дека ќе ги уништи економиите на најразвиените земји, останува незабележан и еден нејзин позитивен ефект – во Европа е во криза и секторот во продажба на недозволените наркотични средства.
Деловни загуби претрпеа сите – од најниските слоеви на уличните дилери, па сè до самите нарко-барони кои управуваат со овој профитабилен бизнис.
– Криминалот оди заедно со бизнисот – рече Рамон Какон, заменик началник на одделот за криминал на каталонската полиција за „Ел Периодико“.
Изолацијата ја погодува нарко-мафијата
Студијата на „Global Initiative“ против транснационален организиран криминал – „Криминал и зараза“, вели дека криминалните групи во моментов се обидуваат да направат залихи со наркотици. На глобално ниво, изолацијата истовремено го стопираше извозот на марихуана и увозот на хероин и кокаин.
Иако полицијата и војската се вклучени во помагање на населението во борбата против заразата во многу земји, апсењата на улични дилери се исто така вообичаени во Шпанија. Динамиката на локалните пазари се смени додека улиците, главната продажна точка за наркотици, остануваат пусти. Сепак, во овие услови, полесно е да се забележат во градовите оние кои што се обидуваат да продаваат дрога на улица.
Во Барселона, во неколку наврати, беа уапсени ситни дилери кои се обидувале дрогата да ја пренесат преку курири, или преку разнесувачи на храна, до компанијата „Glovo“, чии курири не знаеле ниту што носат, или преку возилата на компанијата „Kabify“, во чии возила дилерите ги досавувале недозволените супстанци.
Со марихуаната честопати се занимаваат и балканците
Каталонија се консолидираше како најголем производител и извозник на марихуана во Европа. Канабисот се одгледува во затворено, претежно во стари, напуштени индустриски погони и последователно се продава низ целиот Стариот континент.
Во последниве години, полициите од Балканот соработуваа тесно со Шпанците, приведувајќи околу 100 луѓе на плантажите – повеќето Срби, Црногорци и Хрвати. Кекон објаснува дека одгледувачите собираат растенијата што веќе се засадени и „најверојатно, кога ќе пораснат, ќе ги чуваат во вакумски кеси за моментот кога ќе се отвори пазарот“.
Марихуаната сега е скоро невозможно да се пренесе преку границата од Каталонија, иако патиштата преку кои претходно се движеа се отворени. Обично, „тревата“ се крие во камионите што превезуваат стоки. Но, сега, контролата на патиштата се зголеми тројно, предизвикувајќи страв кај дилерите на дрога. Според корисниците на марихуана, во различни градови во Шпанија цената за еден грам за време на карантинот е далеку поголема од вообичаеното.
Истражувањето вели дека веројатно ќе има повеќе марихуана во Албанија ова лето од вообичаеното, бидејќи полицијата во моментов е премногу зафатена со контролата на карантинот, а март и април се токму месеците кои се погодни за садење на канабис.
Кокаинот е најризичен за шверцување
Кокаинот од Латинска Америка во повеќето случаи пристигнува во Европа преку шпанските пристаништа. Експертите велат дека во денешните услови, овие пратки се многу поризични од вообичаеното затоа што има значително помалку бродови. Поради намалената трговија со земјите од Латинска Америка, поголема е веројатноста бродот преку кој се пренесува кокаинот да биде детално прегледан.
Шпанската полиција неодамна доби информација дека 10 килограми кокаин ќе бидат доставени недалеку од Барселона. Кога пристигнале на размената и ја пресретнале криминалната група, нашле 50 килограми кокаин повеќе отколку што очекувале. Според проценките на полицијата, кланот направил резерви така што за време на карантинот не се случило да останат без дрога.
Колумбија, која е најголем производител на кокаин во светот, ги затвори своите граници за да го спречи ширењето на ковид-19, факт кој исто така ќе придонесе за помал извоз на наркотици.
Најголем проблем – хероинот
Најголем проблем е хероин, кој сè уште се транспортира во доволни количини. Авганистан произведува околу 90 проценти од опиумот во светот, а трасата преку која се носи опиумот во Европа е затворена, патниците во нивните торби испорачуваат пакети со авион.
Англиски „Индипендент“ пишува дека во Велика Британија стравуваат дека недостигот на оваа дрога, од која има најмногу зависници, би можело да доведе до тоа таа едноставно да се замени со други, домашни произведени хемикалии. Во овој случај, заради нечистотијата на производот, проблемот би можел да биде уште поголем, отколку што е сега.
На удар е и производството на метамфетаминот и фентанилот, бидејќи главните состојки за производство на овие супстанции обично се испорачуваат од Кина, која е затворена веќе два месеци.
Според студијата на „Global Initiative“, ако изолацијата продолжи во Европа, цените на хероинот и кокаинот би можеле значително да пораснат, а квалитетот ќе биде далеку под вообичаеното.