НИКОЈ НЕ Е НАД УСТАВОТ, ДА ПРЕСТАНАТ ПОЛИТИЧКИТЕ ПРИТИСОЦИ ВРЗ СУДОТ Подготвителната седница за Законот за јазиците ќе се одржи и со 5 судии, не мора да се присутни сите
Секој е должен да го почитува Уставот и никој не може да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот, рече денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костафиновски.
Тргнете ги рацете од Уставниот суд, им порача денеска претседателот на судот Дарко Костадиновски на политичките факори во Македонија на завршната прес-конференција на која даде отчет за сработеното во 2024 година.
– Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава, за европски вредности! Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се труди! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој не може да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот – рече Костафиновски.
Тој им порача на граѓаните да бидат спокојни, бидејќи Уставниот суд „ќе продолжи безкомпромисно да го чува Уставот и граѓанските слободи и права“.
Правејќи пресек на сработеното во 2024 година, Костадиновски посочи дека во годината кога Судот го одбележаа јубилејот 60 години уставно судство, изврши крупни реформи и внесе новини во работата, но се соочи и со притисоци.
– За жал, ова е година и на сериозни политички притисоци и влијанија врз Судот. Обидите за политизација, за етнизација на постапките и одлуките на Судот, со употреба на неосновани непристојни квалификации за мене, за Судот, неспорно се политички притисок и влијание врз Судот. И притисоците и влијанијата и манипулациите во повеќе наврати, а и сега, со индигнација ги отфрлам. Тие немаат никаква допирна точка ниту со заложбите за вледеење на правото, ниту со уставната, правната и политичката култура, ниту пак со европските вредности. Но, тоа е нашата општествена или, како јас ја нарекувам, уставна реалност – истакна Костадиновски.
Ваквата реалност, додаде, не се рефлектираше врз квалитетот на работата.
– Накусо ќе кажам дека 2024 година ќе биде забележана како година на револуционерни реформи во работењето на Судот, една од најефикасните по однос на предметите коишто сме ги решиле, но и година на зголемена доверба на граѓаните во Уставниот суд, ако се земе предвид приливот од пристигнатите иницијативи – рече Костадиновски.
Тој потенцираше дека годинава е унапредена работата на Судот со донесување на најзначајниот документ за саморегулација на начинот на работа и постапката пред Судот – новиот Акт. Со него, како што рече, се отстранети бројни слабости и можности за манипулативност во постапувањето на Судот. Клучната промена која ја донесе овој Акт се контролните механизми за должината на постапките, со што се скратува рокот и се забрзуваат постапките.
– Посебно значајна новина е што со новиот Акт постои можност ако Судот поведе постапка за уставност и законитост на некој пропис или негови одредби, да не донесе одлука за нивно укинување или поништување, туку да определи рок од најмногу 6 месеци доносителот на оспорениот пропис да го измени или да го дополни со наодите и аргументите на Судот – рече Костадиновски.
Целта на оваа новина, како што појасни, е да не настане правен вакум или последица за граѓаните.
Друга значајна новина, рече Костадиновски, е можноста Судот да изготви и да усвои посебен извештај за континуирано неуставно или незаконско постапување на некоја од властите.
Според Костадиновски, за Уставниот суд ова е досега најефикасната година.
– Во 2024 година се решени 248 предмети, што е за 25 проценти повеќе од претходната, кога сме имале 186. Во просек, решените предмети во минатите години биле помеѓу 130 и 200, со исклучок на 2020 година кога во вонредната, пандемиска година Судот беше преплавен со предмети за владините уредби со законска сила – рече тој.
Во врска со подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците Костадиновски информираше дека утре судот ќе има редовен работен состанок, на кој ќе се утврди листата на учесниците и спорните правни прашања, во врска со иницијативите по овој закон. Подготвителната седница за овој законот се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март.
– Очекувам дека во текот на утрешниот ден ќе бидат утврдени и спорните правни прашања и листата на учесници. Ние имаме предлог од судијата известител, но, секој е слободен да предлага – рече Костадиновски.
Дополни дека се предложени повеќе од 20 имиња, а станува збор за експерти по уставно право, по меѓународно право, по човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.
Претседателот на Уставениот суд рече дека е побаран пријателски совет од Венецијанската комисија, кој ќе биде усвоен на седницата на 14 и 15 март и веднаш ќе биде објавен, по што ќе следи подготвителната седница.
Тој изрази жалење за недоаѓањето на некои од неговите колеги на седницата, но истакна дека нема да дозволи никој да ја уценува или да ја блокира работата на Уставниот суд.
– Минимум кворум за работа на Судот се 5 судии, одлуките се носат со 5 гласа, освен ако не е потребно квалификувано мнозинство. Подготвителната седница ќе се одржи доколку се исполнети условите од минимум судии присутни за работа – рече Костадиновски.
Во однос на изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, кој рече дека албанскиот јазик не е прашање за Уставниот суд на Македонија, Костадиновски изјави дека тие изјави се непримерни и недостојни.
– Ако влеземе во коментари на странски државници, тоа не е моја работа. Но, за секоја изјава од домашен или од странски чинител, што изразува сомнеж или етикетира наше постапување, должен сум да реагирам и реагирам – додаде тој.
Претседателот Костадиновски беше прашан и за рефератот за измените на Кривичниот законик донесени лани во септември, а тој посочи дека е во завршна фаза, а расправата на судот за овие закоски измени ќе се одржи во наредниот месец или во февруари.