НИЕ НЕ ЦРТАМЕ ПАРЦЕЛИ, КЛЕВЕТА Е ДЕКА ЗАГРОЗУВАМЕ ГРОБИШТА Реакција на компанијата МАКОТЕН ДООЕЛ на прес-конференција на ДУИ

Секое тврдење дека имаме за цел да нарушиме нечие достоинство или да загрозиме земјиште каде има гробишта е чиста клевета со која недозволиво, за сурови политички интереси, се манипулира со најдлабоките верски чувства – се вели во реакцијата на компанијата.

122

Компанијата МАКОТЕН ДООЕЛ ги демантира обвинувањата изнесени на прес конференција на Имране Велиу од политичката партија ДУИ дека компанијата загрозила земјиште каде што има гробишта, и таквите тврдења ги оцени како чиста клевета со која недозволиво, за сурови политички интереси, се манипулира со најдлабоките верски чувства.

„МАКОТЕН ДООЕЛ е компанија со странски капитал, кој доаѓа од земја членка на ЕУ и секоја инвестиција реализирана во Македонија се прави исклучиво согласно позитивните законски прописи. „Казино Фламинго“ веќе 19 години приредува игри на среќа во хотелски комплекс на граничниот премин Богородица и речиси 6 години во срцето на Скопје во хотелот Мериот во деловен објект кој е наша сопственост. МАКОТЕН ДООЕЛ е дел од Групација „Новоматик Македонија“. Вкупната вредност на досега реализираните инвестиции надминува 80 милиони евра. Во континуитет подржуваме различни граѓански иницијативи, проекти и реализираме бројни хуманитарни и донаторски активности. Манифестираме висока општествена одговорност преку хуманитарни и спонзорски активности во најзначајните општествени сфери, јавното здравство, спортот и културата.

Оттука, ја уверуваме јавноста дека како и досега, така и во иднина, нема со било кој нов инвестициски проект да си го нарушиме нашиот корпоративен углед на сигурен партнер на заедницата. Казино Фламинго“ не црта градежни парцели, ниту се занимава со урбанистичко планирање. Секое тврдење дека имаме за цел да нарушиме нечие достоинство или да загрозиме земјиште каде има гробишта е чиста клевета со која недозволиво, за сурови политички интереси, се манипулира со најдлабоките верски чувства.

Земајќи го предвид погоре наведеното, апелираме да престанат суптилните обиди за злоупотреба на светски познатиот бренд „Казино Фламинго“ во дневно-политички препукувања за да избегнеме неоснована штета врз нашиот корпоративен углед“ – се вели во соопштението на МАКОТЕН ДООЕЛ.

Претходно ДУИ на прес конференција обвини дека во близина на гробиштата во Блаце се одвиваат градежни работи на парцела која, според нивните податоци, фигурира како сопственост на компанијата Казино Фламенго. Партијата смета дека на тоа место ќе се гради објект за дејност поврзана со игри на среќа, а со тоа би се осквернавиле гробиштата и би се повредиле верските чувства на граѓаните.

Поврзани содржини