НИ ЗАБРАНИЈА ДА СЕ СРЕТНЕМЕ СО ДАНЕЛА АРСОВСКА! Независниот синдикат на пожарникарите го потврди скандалот
Раководството на Секторот за заштита и спасување во Град Скопје и Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје им забраниле на синдикалците да ја примат кандидатката за градоначалник Арсовска во синдикалните простории.
Независниот синдикат за пожарникарите на Македонија потврди дека добил забрана во просториите во Автокоманда да се сретне со независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Откако Арсовска јавно соопшти дека ѝ бил забранет влезот во Синдикатот на пожарникарите, иако тие претходно ја прифатиле средбата, се огласија и синдикалците:
„За жал, во текот на денешниот ден, иако нашиот Синдикат од страна на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, уште пред повеќе денови доби уредно барање за средба, од страна на раководството на Секторот за заштита и спасување во Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, ни беше забрането да одржиме средба во просториите на Синдикатот, со кандидатката која изрази желба да се запознае со состојбите во пожарникарството“, пишуваат тие.
Независниот синдикат на пожарникари на Македонија има сопствени простории кои повеќе од една деценија се наоѓаат во објектот на БППЗ во Автокоманда, Скопје.
„Во тие простории сме пречекувале гости од сите политички партии, претставници на разни религиски и други видови на социјални заедници, но никогаш досега не ни се случило некој да ни забрани да примиме гостин“, се вели во нивната реакција.
Тие простории се само физички блиску до Бригадата, но се во децениско владение на Синдикатот, кој секогаш ги користи согласно со своите законски надлежности и со целта на постоењето на еден синдикат.
„Ваквото однесување ја ускратува слободата на синдикалното движење и од тие причини за овие случувања ќе бидат известени сите домашни и меѓународни институции“, се вели во реакцијата на Независниот синдикат на пожарникарите.