НЕЗАКОНСКИ Е ДА ФОРМИРАТЕ ПАРАЛЕЛНО ТЕЛО Реакција на Kомисијата за заштита од дискирминација на изјава на Фатмир Бесими

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека со тоа ќе се наруши нејзиниот мандат како независно тело.

433

Ќе се создаде  паралелен механизам кој ќе задира во независноста и самостојноста на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација  и ќе значи директно делегитимирање на нејзиниот мандат, реагираат од Комисијата на најавата дека ќе се формира механизам за транспарентност на инвестиции, чија улога би била заштита од дискриминација на инвеститорите од земјава и од Бугарија, при реализирањето на планот за инвестирање.

Идејата за формирање на вакво тело е дадена на првиот состанок на Македонско-бугарската работна група за економија, трговија и иновации, а јавно ја соопштија на прес-конференција на министерот за финансии  Фатмир Бесими и министерот за иновации и развој на Бугарија, Даниел Лорер.






„Потсетуваме, дека превенцијата и заштитата од секаков вид на дискриминација се регулирани со Законот за спречување и заштита од дискриминација, според кој, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е единственото тело за еднаквост во земјава кое постапува во случаиза спречување и заштита од дискриминација и во приватниот и во јавниот сектор, кон сите домашни и странски физички и правни лица, вклучително и дискриминација на потенцијални странски инвеститори“, се вели во реакцијата.

Оттаму додаваат дека формирањето паралелен механизам,наменет исклучиво за заштита на инвеститорите од Република Бугарија, би бил во спротивност со Законот за спречување и заштита од дискримнација,кој ја регулира оваа правна материја како lex specialis.

„Според тоа, ова тело не би можело да произведува никакви правни акти за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи нема процесен и материјален закон, врз основа на кој може истото да го направи“ , се додава во реакцијата.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потседуваат и дека меѓународните стандарди кои ја регулираат поставеноста и работата на Националните тела за еднаквост, како што се Принципите за статусот на националните институции за еднаквост на ООН (Париските принципи), предвидуваат, телата за еднаквост слободно и независно да одлучуваат за сите прашања поврзани со нивните надлежности.

„Исто така, овие принципи предвидуваат дека независните тела треба да бидат сочинети од професионалци и експерти кои исполнуваат строги и високи критериуми за изборво областа на дискриминацијата. Токму затоа, превенцијата и заштитата од дискриминацијата се спроведува на експертско и професионално, а не на политичко ниво. Оттука, формирањето на паралелниот механизам би значело директна повреда на овие принципи. Дополнително, овозможување на ваквиот паралелен механизам за заштита од дискриминација, наменет исклучително за лица од одредена етничка и/или национална припадност и социјален статус, претставува индиректна дискриминација врз основа на етничка и/или национална припадност и социјален статус во областа на правосудството и управата, согласно членовите 3, 5, 6 и 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020)3, се вели во реакцијата.

Од комисијата веруваат дека  станува збор за ненамерна изјава на министрите и се надеваат дека по оваа реакција на КСЗД, ќе се воочи дека законски е  невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело.

КСЗД како професионално и независно тело апелира, дека како и до сега стои на располагање на сите домашни и странски физички и правни лица, за пријавување и постапување во случаи на секаков вид на  дискриминација.

„Ги охрабруваме сите оние кои се почувствувале дискриминирани врз било која основа, во било која област, истото да го пријават во КСЗД преку електронскиот механизам за пријавување на дискриминација, или лично и/или поштенски“, се наведува во реакцијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Поврзани содржини