НЕВРЕМЕТО СЕ ПРЕСЕЛИ НА ЈУГОТ ОД ДРЖАВАТА Големи штети во струмичкиот и во валандовскиот регион
Според градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, општинските служби, ТППЕ и екипи на ЈП „Комунален сервис“ се на терен по големото невреме кое ја зафати Општината.
Невремето што денеска ги зафати струмичко и валандовско предизвика големи штети. Во валандовско силниот ветар проследен со дожд и град искорна и искрши дрвја, однесе повеќе покриви, откорна пластеници на земјоделски насади, урна соларни системи, а паднатите дрвја предизвикаа штети кај повеќе автомобили. Заради падното дрво на регионалниот пат Удово-Марвинци сообраќајот беше во прекин од 17:00 до 18:25 часот.
Според градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, општинските служби, ТППЕ и екипи на ЈП „Комунален сервис“ се на терен по големото невреме кое ја зафати Општината.
– Настанатите штети ќе можат да се пријават од утре во архивата на општина Валандово. Да бидеме внимателни, смирени и солидарни – објави Костадинов на фејсбук.
Во струмичко вечерва околу 18:00 часот ТППЕ Струмица со едно против пожарно возило и тројца пожарникари интервенираше на отстранување на падното дрво на патниот правец Муртино-Банско, на излезот од Банско кај Завод за заштита и рехабилитација на деца и младинци „Бања Банско“.
Од ТППЕ Струмица апелираат до граѓаните, кои се движаат со своите автомобили, на крајно внимателно управување.
– Доколу ве зафати силно невреме отстранете се од сообраќајот и паркирајте се на првото безбедно место. Апелираме во случај на појава на силно невреме граѓаните да бидат крајно внимателни, односно во случај на појава на силни и чести електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја – стои во апелот на струмичките пожарникари.
Од ЦУК велат иако во Скопско невремето се стиши, тоа продолжи во Струмичко, Битолско, Гевгелиско и други региони во нашата држава
„Линиите на 112 се вжештија, повеќе од 160 до 200 во првиот час, темпото на постојано добивање пријави за штети, информации и итни случаи заради невреме не застанува иако во Скопско невремето се стиши, бидејќи заради локалните обилни врнежи од дожд, град на места и засилен ветер во Струмичко, Битолско, Гевгелиско и други региони во нашата држава“, информираат од ЦУК.
ЦУК им благодарение на медиумите за брзото пренесување на информациите за приближувањето на невремето, а и за моментното негово движење со што имаа превентивни информации за да се заштитат, себе и имотот и превентивно да се засолнат за времетраењето на невремето на одредени локални подрачја во Скопско, Струмичко, Битолско, Гевгелиско и во други региони во нашата држава.
„Истовремено, медиумите ги пренесоа и конкретните адреси за дел од погодените места во Скопско од локалното силно невреме, со што информираа за можните критични точки каде што има прекин на сообраќај или опасност за луѓето во таа близина“, велат од Центарот.