📷 НЕВРЕМЕТО ОСТАВИ ХАОС ВО МАКЕДОНИЈА Скопје под урнати дрвја, Тетово без струја, во Кавадарци пламна бандера

Паднати дрвја има и во централното градско подрачје, каде не се пријавени штети, но сцените предизвикаа вознемиреност кај граѓаните.

2,293

Невремето што денеска попладне ја погоди Македонија зад себе остави сериозни последици, граѓаните и општините пријавуваат штети.

Во главниот град, Скопје пред трговскиот центар „Капитол“, дрво се урна директно врз автобуската постојка пред молот, предизвикувајќи материјална штета. Засега нема информации дали во моментот имало патници или минувачи на постојката.






Фото: Принтскрин

Паднати дрвја има и во централното градско подрачје, каде не се пријавени штети, но сцените предизвикаа вознемиреност кај граѓаните.

Скопјани споделуваат дека во Градскиот парк големо дрво паднало и ја блокирало патеката, попречувајќи го движењето на посетителите.

Фото: Плусинфо

Дополнително, на автопатот Скопје – Тетово беше пријавено паднато дрво, за кое се појавија и фотографии на социјалните мрежи. Граѓани кои се нашле на лице место со раце го тргале дрвото од патот за да можат да го продолжат движењето.

Во Тетово, невремето беше кратко, но екстремно интензивно, со пороен дожд и силен ветер, поради што делови од градот останаа без електрична енергија.

На улицата Бране Стефановски, кај старата градинка, ветерот откорна дрво кое падна врз електрични жици и неколку паркирани возила. Најтешко е оштетено едно фургон возило, а жителите известуваат за уште неколку оштетени коли.

Фото: ТППЕ Кавадарци

Невремето предизвика проблеми и во Кавадарци, каде во општината паднала бандера и предизвикала пожар, потврди командирот на Територијалната противпожарна единица Александар Чадамов.

Дополнително, паднати се големи гранки кај црквата „Свети Димитрија“ во новиот дел од градот и кај ваташката пошта, кои го попречувале патот, но биле веднаш отстранети од пожарникарите.

Поврзани содржини