„НЕВИН И ПРЕД СУДОТ И ПРЕД БОГА“ Велјаноски и во Апелациониот суд уверливо ги поби обвинението и првостепената пресуда за настаните од 27 април

„Исказите на 46 сведоци, пратеници од сите парламентарни партии, од сведок кој е сегашен претседател на Собрание, од сведок кој кога сведочеше беше претседател на Владата а за време на настаните пратеник, од сведоци кои се поранешни но и сегашни министри а тогашни пратеници, во корелација со 28 материјални докази, покажуваат дека во водењето на собраниската седница стриктно сум ги почитувал деловничките норми и не сум ниту организатор, ниту виновник за настаните од 27 април“, изјави Трајко Велјаноски.

2,637

„Немам никаков придонес за оние немили настани и се чувствувам невин пред Вас и пред Бога. Оваа постапка длабоко ме трауматизира и мене и моите блиски. Тешка е стигмата која неосновано ми е наметната дека сум сторител на тешко кривично дело и со нетрпение очекувам да ми биде отстранета од мојот лик и име“.

Со овие зборови и со зборовите на големиот борец за човекови права Нелсон Мандела „секој од нас остава трагови на своите дела, тие траат со времето  и непогрешливо покажуваат по кој пат сме оделе, по патот на вистината и правда или по другиот пат – секој од нас го избира својот пат“, го заврши својот исказ Трајко Велјаноски, на јавната едница на Апелациониот суд во Скопје, кој расправаше за жалбата на осудените наводни организатори на настаните од 27 април 2017 година во македонскиот парламент.






Велјаноски потсети дека исказите на 46 сведоци, кои се пратеници од сите парламентарни партии – и тоа од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, СПМ, ДПС, ЛДП, ПЕИ, ДУИ, Беса, Алтернатива – од сведок кој е сегашен претседател на Собрание, од сведок кој кога сведочеше беше претседател на Владата а за време на настаните пратеник, од сведоци кои се поранешни но и сегашни министри а тогашни пратеници, во корелација со 28 материјални докази, покажуваат дека во водењето на собраниската седница тој стриктно ги почитувал деловничките норми и не е ниту организатор, ниту виновник за настаните од 27 април.

– Сега се поставува логичното прашање, каков е кредибилитетот на сведочењето на тоа техничко лице со сомнителен морален дигнитет и дали има основа да се поклони верба на тој исказ? Дали фактичката состојба судот можел исправно ја утврди на основа на исказ на сведок кој е дискредитиран по повеќе основи, а при тоа да ги занемари јасните и прецизни искази на повеќе релевантни и општествено угледни личности? – изјави Велјаноски.

Станува збор за сведочење на сведок информатичар со завршен Педагошки факултет, кој, како што вели поранешниот претседател на парламентот, „од само нему познати мотиви се обидува да ми импутира неделовничко, или неправилно водење на таа или на други седници на Собранието“.

– Нема да навлегувам во неговите мотиви, но она што ме иритира се мотивите тој сведок во првостепената постапка да биде испрашуван како сведок на обвинението, за околности кои немаат никаква релација со неговите познавања и сознанија. Ќе се обидам посликовито да го појаснам тоа. Замислете судскиот хаусмајстор, или портир, па дури и информатичар, да биде испрашуван за околност дали претседателот на овој совет во овој суд седниците на советот ги води согласно Законот за кривична постапка – рече Велјаноски од судската говорница.

Зборувајќи за настаните од 27 април, Велјаноски потсети дека парламентарниот состав од декември 2016 година беше таков што според јавните настапи на партиските лидери беше јасно дека ќе се формира парламентарно мнозинство  СДСМ – ДУИ, а со самото тоа претседателската позиција во Собранието ќе ја преземе личност од тој конгломерат. Велјаноски рече дека на некој начин чувствувал и олеснување дека брзо ќе дојде денот кога ќе здивне од секојдневниот 10-12 часовен напорен ангажман.

– Сега, после подолг период од тој настан, секојдневно се потсетувам и анализирам што сум можел да направам и дали нешто сум згрешил. Во цврсто убедување сум дека не сум го повредил Деловникот водејќи ја седницата и дека не сум презел никакви активности за да се случат немилите настани – изјави Велјаноски, нагласувајќи дека во деветгодишното раководење со законодавниот дом во повеќе наврати бил ставан во центарот на меѓупартиските препукувања кои создавале тензична атмосфера и секогаш вложувал напори да ги смирува страстите со соодветни деловничко регулирани реакции.

Велјаноски потсети на околностите поради кои во напната атмосфера во 18 часот на 27 април објавил прекин на работата на Собранието за тој ден и закажал продолжение за наредниот ден во 11 часот, како што било договорено на координацијата меѓу пратеничките групи. После прекинот со молскавична брзина се случуваа настани кои ставија белег на тој ден.

– Нема да коментирам сега дали и како на нерегуларен начин продолжи седницата. Насилното упаѓање на голема група на граѓани во зградата на Собранието и насилствата кои започнаа создадоа силен немир, но и чувство на страв кај мене. Единствено што можев да направам тогаш беше да побарам од службите да се заштитат неколкуте вработени од кабинетот како и вредната документација. Очекував дека полициските служби, согласно нивната законска надлежност по однос на заштита на Собранието како институција, ќе реагираат во насока на заштита на безбедноста на луѓето и имотот. Ништо друго во тој момент не можев да преземам – рече поранешниот претседател на парламентот.

Коментарите кои подоцна се појавија, дека наводно ја штител претседателската фотелја, Велјаноски ги оцени како „несериозни“.

– Знаев дека претседателскиот кабинет знаев дека не е резервиран за мене и дека беше прашање за колку кусо време ќе треба да го предадам. Како што кажав, тој момент со нетрпение го очекував – додаде тој.

На општо изненадување на јавноста, со првостепената пресуда во предметот „Организатори на 27 април“, поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјаноски беше осуден на казна затвор во траење од 6 години и 6 месеци. Драконски казни добија и поранешните министри од ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Пред првостепената пресуда, Плусинфо детално пишуваше за улогата на Трајко Велјаноски во настаните од 27 април и за процесот против него. Да се потсетиме на една од тие анализи:

Трајко Вељаноски уверливо докажа дека нема никаква вина за 27 април и дека сторил сѐ што може да ги спречи немилите настани

 

Поврзани содржини