Неверојатно, ама амбасадорот – се спаси!
Бугари ќе има се’ повеќе во Албанија, се’ додека таму место амбасадори испраќаме или задржуваме - поштари.
Добро е што МНР, Муцунски, ја информираше јавноста за постапката со трите амбасадори, коишто се повлечени на консултации. Добро е и што најави дека ќе се преиспитува работата на сите други, коишто ќе треба да објаснат што работеле и сработеле, иако е речиси сигурно дека мнозина нема да имаат со што да се пофалат.
Објаснувањето, меѓутоа, со коешто министерот го „оправда“ амбасадорот во Тирана, дека одговорноста била во државните институции (затоа што не реагирале?) – не држи вода. Министерот мораше да објасни какви активности во одбрана на македонските интереси во пописот, амбасадорот преземал ЛИЧНО, А МОРАЛ, без да чека што и дали нешто ќе преземат нашите институции.
Амбасадорите се испраќаат за да ги промовираат и бранат интересите на сопствената држава. Тоа е нивна основна должност и задача, за која не треба никаква додатна инструкција. Втората нивна обврска е да информираат за се’ што се случува во земјата на приемот и, се разбира, за своите активности.
Пописот во Албанија и тамошното дивеење на бугарската држава, беше (не)објавена војна против Македонија. Беа мобилизирани на највисоко ниво (во посета беше и потпретседателката, Јотова), се’ со цел да се бугаризираат Македонците, По својата функција, војсководач во одбраната на нашите интереси, мораше да биде амбасадорот. А тој, не беше. Тоа значи дека апсолутно не ја извршил својата клучна улога и должност, за што е и испратен.
За време на пописот, во времето кога Македонците во Албанија жестоко се бореа за своите и наши интереси, ги прашав дали им помага амбасадорот? Ми одговорија дека своите писмени реакции ги испраќаат до албанските институции и до амбасадите во Тирана, вклучувајќи и до нашата. Таа, пак, истите ги препраќала до албанските институции! Веројатно до МНР! И, ништо повеќе! Невидено!
Тоа значи дека нашиот амбасадор, играл улога на поштар! Тоа е крајно неодговорен однос и целосно промашување на функцијата на еден амбасадор.
Во дадените услови, без никакви инструкции од земјата, амбасадорот МОРАЛ да бара и да инсистира на средби и со премиерот на Албанија, и со претседателот, и со МНР, и со надлежните од заводот или која и да е институцијата надлежна за пописот… Секаде морал да тропа на маса дека толерирањето на бугарската инвазија и мешање е неприфатливо, дека албанската држава поддржува и работи на бугаризација на Македонците и дека тоа ќе има сериозни последици врз односите на двете земји… Морал да ги анимира албанските медиуми за случувањата, да одржува прес конференции, да објавува текстови во медиумите… Морал да има средби и со амбасадорите на ЕУ, ОБСЕ, САД, Франција… да ги информира за ситуацијата, и да бара поддршка…
Паралелно, постројано морал да ги анимира и нашите медиуми, да ги снабдува со факти што се случува на пописот, да ги информира за своите преземени активности… Се’ со цел да се разбудат и нашите институции за соодветно да реагираат, а не само да се информира јавноста.
Ништо од сето тоа, а морало да биде така, без никаква посебна инструкција. За преспиената војна против Македонија, што има катастрофални последици, мора да се поднесе и соодветна одговорност. Амбасадорот целосно ја утнал својата улога, којашто му ја доделила државата и тоа за исклучително важно, фундаментално прашање – опстанокот на македонскиот народ. И, никому ништо!
Човекот не бранувал, а морал, сигурно само за да не се замери на власта којашто го испратила. Таа голташе се’ на сметка на македонизмот, та така и тој. Си го чувал задникот. Штетата е огромна и време е тоа да се казнува.
Кога работев во Тирана (1998 – 2002), амбасадорот на Србија ме праша – дали ова што го правиш за Македонците е по инструкција од Скопје, или е твоја иницијатива? Извини што сум директен, додаде, и не мораш да ми одговориш. Сите знаеја за нагласениот ангажман со Македонците. Му вратив дека, ако чекав од Скопје да ми кажат што треба да правам, ќе си ѕверев низ прозор.Тоа е моја должност, нагласив, и затоа сум и тука. Информирам за се’ што превземам и никој од Скопје не ми приговара.
Благодарејќи пред се’ на интересот на Македонците од Албанија, и ангажманот за подобрување на нивната позиција, тоа што се преземаше по многу што беше мала револуција. Тирана, сигурно не беше среќна со настојувањата за проширување на правата на Македонците и враќањето на нивните традиции, ама тоа максимално го почитуваа бидејќи се’ беше во рамките на меѓународните стандарди. Се’ се правеше јавно, и немаа простор за замерки.
Единствена согласност побарав за да го покренам прашањето за обновување на училиштата на македонски јазик коишто, по Втората светска војна, постоеја во три села на Голо Брдо. И, ја добив. На средба во МНР, кога го побарав тоа, министерот Паскал Мило, инаку историчар, жестоко реагираше. Тврдеше дека тоа прашање за нив е затворено. Тоа беше тешка кавга. Му одговорив, а потоа и писмено му вратив дека нема затворени прашања туку има само решени, или не решени, а ова бара решение. Прашањето беше покренато и во Министерството за образование. За жал, нашата страна не беше заинтересирана да се продолжи, и да се инсистира на легитимното барање, што беше сериозна политичка грешка.
Можеме да бидеме сигурни дека доколку и сегашниот амбасадор во Тирана, максимално се ангажирал за спречување на подметнатата и лажна пописна бугаризацијата на Македонците во Бугарија, никој од земјата не ќе се осмелеше да го спречи. Дури ни МНР – Османи.
За разлика од нашиот во Тирана, којшто не бранува, албанските амбасадори во Македонија често јавно зборуваат за албански територии кај нас, што е чист иредентизам. И пак никому ништо, а морало тие да бидат протерани! Бидете уверени дека тие не добиваа(т) никакви посебни инструкции од Тирана за тоа. Во прашање е промоција и одбрана на нивните (трајни!) интереси.
Бугари ќе има се’ повеќе во Албанија, се’ додека таму место амбасадори испраќаме или задржуваме – поштари.
Ристо Никовски
Јули, 2024