„НЕТАНЈАХУ ЈА УБИ НАДЕЖТА ЗА СЛОБОДА ЗА ЗАЛОЖНИЦИТЕ“ Катарскиот премиер се огласи по тешкиот напад врз Доха

Тие сметаат на ова посредништво (за прекин на огнот), немаат друга надеж за тоа, изјави катарскиот премиер велејќи дека се сретнал со семејството на еден од заложниците. Претходно, Ал Тани рече дека Израел со нападот врз Доха ја убил секоја надеж дека заложниците ќе бидат ослободени.

184

Обидот за атентат на водачите на Хамас во Катар од страна на Израел би можел да има сериозни последици за заложниците држени во Појасот Газа, предупреди вчера катарскиот премиер.

– Мислам дека она што (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху го направи (со нападот) вчера, тој едноставно уби секаква надеж за тие заложници – изјави за американската телевизија Си-Ен-Ен премиерот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, кој е и министер за надворешни работи.






Катарскиот премиер изјави за Си-Ен-Ен дека се сретнал со семејството на еден од заложниците утрото на нападот.

– Тие сметаат на ова посредништво (за прекин на огнот), немаат друга надеж за тоа – рече тој.

Катар, заедно со Египет и САД, посредува во конфликтот во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас.

Според израелски извори, 48 заложници остануваат во Газа, од кои се верува дека 20 се уште се живи. Роднините на киднапираните изразија длабока загриженост по нападот во вторникот.

Израел го изврши изненадувачкиот напад во вторник во Доха. Извештаите велат дека една цел бил Калил ал-Хаја, највлијателната фигура на исламистичкото движење во странство, кој ја предводи делегацијата на Хамас во преговорите за прекин на огнот.

Хамас соопшти дека нападот не успеал и дека нема убиени членови на делегацијата.

Според соопштението на Хамас, 6 лица загинале во нападот во Доха, вклучувајќи го и синот на ал-Хаја и неговиот началник на кабинетот. Кога беше прашан за местото каде се наоѓа ал-Хаја, катарскиот премиер рече дека во моментов нема „официјална декларација“.

По нападот, Ал Тани првично посочи дека Катар би можел да ја продолжи својата посредничка улога во војната во Газа. Сепак, тој вчера за Си-Ен-Ен изјави дека Катарците „преиспитуваат сè“ во врска со учеството на земјата во идните преговори за прекин на огнот, додавајќи дека се во „многу детален разговор“ со американската влада за тоа како да продолжат.

Воздушниот напад на Израел врз Доха предизвика меѓународна осуда.

Поврзани содржини