Неслободата со државно лице

И сега, дали граѓаните кои гласаа за актуелната политичка опција едновремено гласаа и за „најлошата година по Втората светска војна“? И кој воопшто можеше да смисли таква глупост?! Или за надворешна политика со паролата „доста е“?

445

Се разбира дека сите актуелни скандали, иако секојдневно се нижат буквално пред наши очи, не се баш почетокот на новото (не)нормално во „Нашата земја“. Не се всушност ни почеток на крајот на правната држава – таквите зачетоци сега веќе имаат два-триесет години! – ама беспоговорно го навестуваат крајот на легитимитетот на гласот на граѓанинот и неговата меродавност во македонското општество. Кога денес би требале да копаме по меморијата барем две-три децении назад по настан што го заслужува тој трофеен венец, тешко дека би можеле со сигурност да посочиме само на еден. Беше ли тоа озаконетата деструктивна поделба на чисто етнички политички партии, или онаа и онаква „приватизација“, или 2001-та и сѐ што ни сервираа со неа, или новата ненормалност на периодот на „патриотското“ разнебитување на државата 2006-2017, па сељачкото „прогресивно“ цунами по 2017-та и „Преспанскиот договор“…? Секако, има уште многу меѓници што (ќе) се натпреваруваат за таа титула, но вакво префрлување на неспособноста на државата (инфлација, струја, цени, некултура, лошо планирање, неуспешни политики, лични ексцеси, патни трошоци за пратениците во време на криза…) врз грбот на граѓанинот немало. А тој, сето тоа мора да го прими стоички, онака како „втренчена толпа“ (Чомски), небаре актуелниве политиканти се од Господ дадени и незаменливи!

Не случајно Јозеф Бродски во неговото славно предавање пред студентите на Вилијамс колеџот во 1984 година вели: „Она што ние го сметаме за зло е способно за сеприсутност бидејќи се стреми да се претстави во облеката на доброто“ („What we regard as Evil is capable of a fairly ubiquitous presence if only because it tends to appear in the guise of good“). Нобеловецот Бродски (1940-1996) не говори напамет. Го видел злото одвнатре, го допрел, што се вели, го доживувал безмалу секојдневно до напуштањето на СССР (1972). И не случајно запишал дека „Страшниот суд е Страшен суд, но човек кој го поминал животот во Русија мора, без двоумење, да биде пуштен во Рајот“ („The Last Judgement is the Last Judgement, but a human being who spent his life in Russia, has to be, without any hesitation, placed into Paradise”.[1]
Нема да се осмелам да го парафразирам Бродски за оваа реченица преведена на македонските состојби. Не заради тоа што ми недостасува храброст туку заради фактот што тоа не би било точно! Иако, согледано историски, неслободниот македонски граѓанин не е многу далеку и од таа констатација. Што сѐ им поминало прекуглава на македонските генерации низ вековиве… Но, за жал, ние и нашето сеприсутно зло олицетворено во македонските политикантски елити се движиме натаму. Единствено ние – или утеха треба да ни биде БиХ? – полека но сигурно (повторно) тонеме во прегратките на познатото зло со државно лице, зло без пардон за никого освен „за своите“. Кај нас сите можни зла полека но сигурно се стопуваат во едно лице преоблечено во одората „за наше добро“!






Но, како што смета и Достоевски (ако сѐ уште смее да се спомне неговото име!) – а мислата на Бродски е само добра парафраза на генијалниот писател – човекот по природа е добар. „Ние сите сме добри – освен лошите, се разбира“, вели тој, „А сепак (…) воопшто нема лоши луѓе – можеби само никаквеци“. Иако, понекогаш, признава и тој, сосема неразумно си го облекуваме костумот на лошите, имитирајќи ги оние кои тоа не го заслужуваат. И на Балканот, како и обично, нештата се двојно потенцирани, доведени до апсурдни граници самите да си ги „бираме“ никаквеците да владеат со нас. И да ни креваат споменици на злосторници или да именуваат „културни клубови“ по нив. Па дури тоа да го сметаме и за – нормално, демократски! Впрочем кај нас, не случајно, во одредени циклични временски каскади, господареле малите умови – самонаметнати или дури избрани од нас. Ќе ги препознаете по „паролите“ со коишто се расфрлаат лево и десно. „А груевизмот е сѐ уште тука, иако пастирот Груевски го нема“, вели еден довчерашен „херој“ на власта, дури и не разбирајќи каков навредлив шамар влепува на своите! Костумот на лошите? Веројатно.

Ниту едно општество не пронашло соодветни стопроцентно сигурни механизми што ги гарантираат слободите и правата на граѓанинот, уште помалку лесно да ги детектираат „никаквеците“ во современи костуми инфилтрирани во политиката. Што е, впрочем, обидот во САД да се воведе генерална забрана на абортусот како лично право и слобода на жената? Но современите демократски општества барем се стремат кон тој идеал, во интересот на граѓанинот работат безброј невладини организации, меѓународни стручни институции и сл., па дури и луѓе од политиката чии ставови се пред нивното време. Ние и во тој поглед сме страшно хендикепирани. Државата олицетворена во власта беше единствената гаранција за правата и слободите на граѓанинот. Велам „беше“, бидејќи таа ситуација одамна не е таква – со децении наназад државата всушност е главната сопирачка на развојот на општеството и слободите на граѓанинот. Страшниот пад на политичката зрелост, неверојатно ниското ниво на интелектуалност и демократичност на цели политички елити кои се менуваат на кормилото на власта, како и на нивните подопашни советници и полуписмени експерти, ја води државата во крајно неизвесна иднина. Опасниот политикантски волунтаризам на партиските врхушки, персоналното водење на политиките (поточно „политиките“), крајно навредувачката за нормалните луѓе кадровска политика…, не водењето сметка за предизборните ветувања…, сѐ се тоа белези на неспособност, некапацитетност, некултура. Треба ли подобар пример од претседателот на Собранието!?

И сега, дали граѓаните кои гласаа за актуелната политичка опција едновремено гласаа и за „најлошата година по Втората светска војна“? И кој воопшто можеше да смисли таква глупост?! Или за надворешна политика со паролата „доста е“? Односно, ако годините на режимот на „заробената држава“ беа најлошите години во македонската понова историја – а беа, несомнено – и ако оваа гарнитура така здушно дуваше во вувузелата викана „ние ќе донесеме просперитет и демократија“, „ние ќе ве внесеме во ЕУ“, од каде сега рефрените за Втората светска војна и „доста е“? И зошто не го кажаа тоа пред три-четири години, но едновремено и да си заминат на политичкото ѓубриште на историјата? Или, како тоа видните „оксфордски“ економисти, заедно со нивните уште „повидни“ советници, не умеат да ја контролираат инфлацијата и цените? Зарем не е чесно, и морално, неспособните да си одат? И зошто граѓанинот е должен со години да плаќа наметнати лажни политичари со уште полажни ветувања и да гледа ваква политикантска фарса?

Премногу вакви импровизации – а уште повеќе молебени за среќа! – ни се провлекуваат низ животот последниве години, премногу безобразно однесување и небулозни измислици на функционери кои веројатно и не се свесни што и како кажале. Но, чудно, нивните импровизации ретко во јавноста добиваат соодветно повратно ехо или одговор од слободниот човек. Нѐ прави ли таа наша пасивност неповратно неслободни? Зашто, неслободата е само чекор до слободата, некогаш е неизречен збор, непостапување… „дејствие“ што своеволно го прифаќаме. И токму тоа прифаќање е чинот што води од една (слободна) состојба во друга, неслободна, поданичка, заробена. Или е подобро да кажеме – самозаробена?

[1] Според: D. Smirnov-Sadovsky, Song from the Underground, Booklet of the Festival “Masterpieces of the Russian Underground”, Lincoln Center, New York, USA, January 2003, pp. 16-19.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини