Нешковиќ: Со „Трекер“ може детално и визуелно да се следи кризата со ковид-19

Кесма вели дека на словенечкиот „Следилник“ работат неколку десетици ентузијасти од многу струки од самиот почеток, додека тој во овој проект се приклучил малку подоцна.

874

Педесетгодишниот скопјанец Владимир Нешковиќ – Кесма кој од својата 19-та година живее во Љубљана, е дел тимот кој работи на словенечкиот „Следилник“ (од анг. Tracker)  https://covid-19.sledilnik.org/sl/stats, во кој се објавуваат сите податоци поврзани со ковид-19 во Словенија, а е еден од креаторите на „treker.mk“ како што е именуван за нашата земја.

Тој во разговор за Плусинфо објаснува како дошол до идејата да се направи ваков сајт преку кој може да се добијат сите податоци за коронавирусот.






– Идејата и побудата не беше моја, иако размислував за неа. Соработувам во словенечкиот  „Следилник“ https://covid-19.sledilnik.org/sl/stats , чии гени се практично ископирани во сајтот за нашата држава. Основачот Лука Ренко, еден ден, во редовната комуникација за работата во Словенија ми рече „Кесма, што се случува во Македонија? Ајде да го направиме ‘Следилник’ за Македонија“. После неколку минути почнав да им се јавувам на денешните членови на „Трекер“, кои им се јавија и на нивните познаници – вели Нешковиќ за Плусинфо.

Кесма вели дека на словенечкиот „Следилник“ работат неколку десетици ентузијасти од многу струки од самиот почеток, додека тој во овој проект се приклучил малку подоцна.

– Од еден твит на Лука Ренко за проблемот што го имаше со целовитоста на објавуваните податоци, на почетокот на март, кога во Словенија почнаа првите случаи, оваа интернет страница стана редовно посетувана од многу луѓе. Страната е во секојдневна комуникација со јавноста преку социјалните медиуми и со власта и нејзините институции. Владата, Министерството за здравство на Словенија и нивниот Институт за јавно здравје редовно ги користат визуализациите и научните модели при донесувањето на секојдневни одлуки поврзани со епидемијата. И редовно ни ги даваат податоците што се потребни за тие визуализации или научни модели за предикции – вели Владимир.

За Плусинфо, Нешковиќ објаснува кои платформи и алатки се употребуваат за да се направи и одржува „Следилник“ и колку труд е вложен во неговото создавање.

– Се користат многу технологии и алатки кои се претежно фокусирани на „open source“, „open data“ и „crowdsourcing“ проекти. Од „GitHub“ до „Slack“ и еден куп различни „клауд“ инфраструктури и програмски и скриптни јазици. Се работи за целосно доброволна и неплатена работа, која можеше со помош на алатките да биде цело време одработена од дома, со многу состаноци и видеоконференции, како и дискусии преку апликацијата „Slack“ – вели 50-годишниот компјутерски инженер.

Нешковиќ вели дека најголем проблем за него и тимот претставува добивањето на податоците поврзани со ковид-19 во земјата со цел да се ажурираат потребните графикони.

– Податоците се моментално најтврд орев. А беа и на почетокот во Словенија исто толку. За жал, ама и очекувано, податоците моравме за почеток да ги собираме рачно од сите можни владини институции. Многу напорна работа, кога е дневното рапортирање нестабилно по многу критериуми. Државите низ цел свет се мачат сѐ уште со одлучноста и отвореноста на податоците што се важни за епидемијата. Верувам дека се работи за еволутивен процес, и во следната епидемија нотацијата, терминологијата и навременоста и целовитоста на податоците ќе бидат многу подобри – вели тој.

Тимот на „Трекер“ https://covid-19.treker.mk/ е составен од научници, (софтверски) инженери, преведувачи, експерти за комунакција со јавност преку социјалните медиуми, дизајнери, луѓе што сакаат да си играат со податоци и статисткики, како што се тие неколкумина.

– Многу од членовите никогаш претходно не се виделе ниту пак знаеле едни за други. Ќе ги дополнуваме сите членови со време на веб страната. Тимот е жива материја, кој го составуваат луѓе кои во моментот имаат време и желба да придонесат нешто за општеството. Сите кои ја имаат таа желба и време се добредојдени да ги погледнат информациите и да ни се јават на [email protected] со предлози за подобрување, како и за соработка и помош. Сите се добредојдени да нѐ следат и на https://twitter.com/Covid19TrekerMK и на https://www.facebook.com/Covid19TrekerMK каде редовно ќе ги комуницираме новите податоци со јавноста – вели Кесма.

Нешковиќ и тимот на „Трекер“ за Плусинфо ни објаснија која е нивната цел и што сакаат да постигнат.

– Сите со кои успеав да разменам збор-два на оваа тема, сме свесни за сложеноста на ситуацијата во државата. Ама сме и многу прагматични, иако можеби не е реално да сме премногу оптимисти. Ама без да пробаме нема да дознаеме дали едно добро искомуницирано претставување на податоци со едноставни визуализации и со можеби посложени научни модели, може да ја крене свеста и знаењето за опасностите што ни ги носи вирусот. Тоа е и целта. Без никакво осудување на какви било чинители или јавноста за ситуацијата во која сме. И секако знаејќи дека сме биле способни, до одреден момент, да ја водиме ситуацијата сите на добар пат. На истиот пат на кој на пример го заврши „првото полувреме“ Словенија или некоја од другите држави од регионот и од светот. Има многу држави кои имаат по неколку нови случаи дневно, а не десетици или стотици луѓе, за кои знаеме дека одреден процент нема да преживее. Вирусот не бира националност или (не)вера и на сите луѓе ни е закана. Сакаме барем малку да придонесеме тој број на починати да се намали и животот во државата да се врати скоро во некоја нормала – порачува Нешковиќ.

Што може да се најде на „Трекер“

Главните составни елементи на „Трекер“ се:

1. Елементарен инфо-кард на основните податоци за епидемијата: број на потврдени случаи, број на активни случаи, број на оздравени, број на хоспитализирани и број на починати.

2. Визуализации на податоци поврзани со динамиката на бројот на заразени, при што сите категории можат да се избираат и да се конфигурира посакуваниот графикон на ситуацијата со ковид-19 преку таканаречен дешборд (dashboard).

3. Графикони на број на тестирани, позитивни и релативен број на позитивни случаи; графикон што може да се користи за барање на корелации на податоците од, на пример, телефонските тријажи со актуелниот број на позитивни случаи.

4. Приказ на структурата на потврдените случаи.

5. Бар-чартови кои ја покажуваат ситуацијата по општини – колку вкупно случаи имало, колку активни случаи има и кога е последниот случај, за да може да се сортираат и брзо да се добие слика во овој момент каде има повеќе заболени.

6. Мапа на регионалните центри на јавно задравје.

7. Наскоро се очекува да биде пуштен графиконот во кој ќе може да се направи споредба со други држави од регионот или од светот, а во кој се прикажуваат податоци за смртност на милион жители.

Поврзани содржини