Непрскани производи, локални производители, по некое рецептче и вкус на вистински домати и цреши

Првиот пазар на органски производи кој ќе се одржи на 19. јуни во Јавна соба, а потоа и следните две саботи по ред, ќе биде можност децата и помладите кои немале таква прилика досега, да го вкусат вистинскиот вкус на црешите какви што ние, од постарите генерации, ’крадевме‘ по маалските дворови

790

„Честопати мислиме дека се храниме здраво затоа што купуваме т.н.здрави производи, а всушност купуваме производи кои ниту знаеме од каде доаѓаат, ниту кој и на какво земјиште ги произведува, ниту со каква вода се наводнуваат. Она што ќе имаме можност да го пробаме на првиот пазар на органски намирници, оваа сабота (19 јуни), но и двете последователни саботи, на зелената тераса во Јавна соба, ќе биде т.н. храна со лице, односно, храна зад која стои приказната на нејзините производители, луѓе од нашето опкружување кои ја произведуваат онака, со љубов, како за себе и за своите блиски и во ограничени количини“, најави Иво Бару, ко-сопственик на првата задруга за органска храна „Добра земја“.
Токму тоа е концептот на „Добра земја“ кој подразбира директен контакт со секој производител и на тој начин намалување на ланецот на чинители во процесот на дистрибуција на храната.

Замислете пазар на кој имате можност да купите свежи органски домати, пиперки, краставици, рукола, врвен органски јаболков оцет, маџун и кашкавал, да дегустирате превкусна храна и органско вино од мали семејни винарии за кои никогаш не сте ни чуле, а сето тоа да биде зачинето со добра музика, пријатна атмосфера и мини игротека за деца.






Токму тоа ќе се случува на овој настан во три продолженија кои ќе го овозможи „Јавна соба“ во соработка со „Добра земја“, која ги претставува органските производители во Македонија и Бакалница.мк, компанија која застапува производители на месни и млечни производи.

Повеќе за настанот на порталот „Арт кујна“.

Поврзани содржини