Непросветеноста како извор на корупција
Се разбира дека политиките за добро владеење се основа за стабилноста на секоја држава. Доколку сакаме стабилност мора граѓаните да имаат доверба во институциите, да имаме администрација која ќе биде на услуга на граѓаните и да создадеме систем кој ќе биде отпорен на корупција, велат умните. Ама ние односно „елитите“ едноставно не сакаат такви граѓани, такво општество и такви медиуми, не сакаат образовани современи граѓани свесни за своите права и должности, но и подготвени да се борат за нив.
Кога сега ги читате/слушате оние министерчиња, дури и вицепремиерчиња како, откако дојде „казнената експедиција“ (Героски) од САД, се посипуваат со пепел во врска со корупцијата во државава – којашто, до вчера, нели, ја немаше – па кога ги читате оние аналитичари-абоненти за кои токму погоре спомнатите беа најпрогресивна, најконструктивна, најработлива, најуспешна… власт од кога паметиме, и сето тоа само поради американското свирче за стартот на „големата метла“, ве фаќа малку срам, нели?
Зашто, ај на овие помладиве, и понеукиве, можеби и ќе им прогледате низ прсти, ама кога оние возраснине, да не речам „матори“ и веќе пензионирани шапшали, како по нарачка, почнуваат ситно да везат друга приказна? Срамот од нивните најнови „рецепти“ просто ви преминува во мачнина пред повраќање.
Не дека тие не биле и претходно такви речиси за/со секоја власт – се разбира, којашто била подготвена да излезе во пресрет на нивните желби – но тој континуитет навистина остава премногу горчлив вкус во устата и грда слика за македонската интелигенција. Иако тие, баш тие, никогаш и не биле некаков репер за интелигенција, но јавноста ги слушала/читала, па дури и ги цитирала! Нивната поддршка на секоја лага, ама буквално на секоја, којашто доаѓа(ла) од власта, всушност и не ги чинела многу властодршците, вклучително и овие: некоја наградичка, вработувања во семејството, хонорарче ваму и таму…, сите среќни и задоволни.
Така кај нас успешно се шири државната лага, онаа наречена дневна политика, на којашто, по правило, ѝ се неопходни такви коруптивни влечуги. Зашто, и тоа е корупција во нејзиниот најгрд вид – корупцијата на интелектуалецот (или „интелектуалецот“, како сакате) е еден од најодвратните сегменти на секој режим!
Улогата на коруптивниот интелектуалец во современиот театар на корупцијата во Македонија е една од главните. Заедно со онаа на медиумите, се разбира. И таа не може да ја разбие ни американската „казнена експедиција“, ниту пак некакви смешни „рецепти“ понудени токму од базата на таа коруптивна интелигенција!
Но, она што е уште пострашно, а кај нас веќе поприма огромни димензии со несогледливи последици, е не само корумпираноста на целиот државен апарат, медиумите и голем дел од интелигенцијата, туку нивниот понижувачки однос кон јавноста. Зашто, извинете, што навистина е јавноста за македонскиве политичари, за дел од медиумите, за аналитичарите-абоненти…? Слепо стадо коешто не гледа што се случува, поданици на кои треба дневно да им се сервира доза на лаги што тие безрезервно ќе ги голтнат како хронична терапија?
Зарем власта навистина мисли дека јавноста верува во тирадите на министерот за надворешни работи дека „уште ни треба да имаме сериозна демократија и сериозни институции во борбата против корупцијата и ние ќе бидеме така како што треба да бидеме, како што очекуваат нашите пријатели и како што очекуваат нашите граѓани“?
Та нели тие беа тука да ја „градат“ таа сериозна демократија и тие сериозни институции, и нели ја/ги изградија? Или, се занимаваа со други работи овие пет, па и претходните петнаесет години, ама баш сега ќе се зафатат со таа сериозна работа?
Или кога министерчено за евроинтеграции (не заборавајќи да потенцира дека „американските пријатели се добредојдени“) нѐ убедува дека ние „не почнуваме од нула во борбата против корупцијата“, зарем навистина мисли дека некој му верува? Зашто, не е борба против корупцијата само „борбата“ со претходните два-тројца властодршци, туку и против своите, сегашните, нели?
Како, на пример, против актуелен министер кој „лета“ на фудбалски натпревар на туѓа сметка? Како што, впрочем и за сите други иритантни актуелни проблеми секогаш се наоѓа некое министерче или абонент да нѐ убеди дека власта работи посветено на решавањето на работите? На пример, еден универзитетски професор, со сиот минорен ум, држи лекција како во третата деценија на дваесет и првиот век е невозможно да се пронајдат трагите на заканувачите со бомби во македонските училишта? Но и дека тие закани и не се толку страшни!?
Меѓутоа, кога еден висок претставник на меѓународната заедница како ЕУ амбасадорот Гир ќе каже дека борбата против корупција и за промоција на владеење на право е тешка бидејќи вклучува отстранување на елити, на кои „елити“ мисли? На сегашнава лажлива политикантска „елита“ на власт, или на претходните од „заробената држава“? Па ако вториве веќе пет години немаат допири со практикувањето на власта, на кого објективно мисли?
Дали фактот што премиерот дури денес смета дека треба да се правда со тоа што го навел високопрофитабилниот и особено актуелен бизнис на сопругата во анкетниот лист е сериозно оправдување доволно за нас наивните и за меѓународната заедница? Или фактот што дури претседателот на државата се дрзнал за член во Судскиот совет да предложи стручен соработник кој не умее да состави една просто проширена реченица? Како тогаш ние ќе се бориме против „воспоставените интереси кои што функционираат на ниво на криминал и корупција“, како што вели Гир?
И кој ги воспоставил, оние претходните „елити“, а овие сегашниве само ги надградиле и прошириле и за тоа ќе ги амнестираат? И како тоа ќе се менуваат „навиките на луѓето, граѓанското општество и медиумите“ кога најочебијните примери на корупција, неспособност и лошо владеење се на највисоки државни позиции?
Се разбира дека политиките за добро владеење се основа за стабилноста на секоја држава. Доколку сакаме стабилност мора граѓаните да имаат доверба во институциите, да имаме администрација која ќе биде на услуга на граѓаните и да создадеме систем кој ќе биде отпорен на корупција, велат умните. Ама ние односно „елитите“ едноставно не сакаат такви граѓани, такво општество и такви медиуми, не сакаат образовани современи граѓани свесни за своите права и должности, но и подготвени да се борат за нив.
И повторно Гир сака да им појасни: „Сите истражувања укажуваат на уништувачкиот ефект на корупцијата врз образовните и работните можности и тоа се клучните фактори кои што ги бркаат младите од државата“. Но токму тоа е и поентата (и) на оваа власт – да се држи јавноста во информациско лимбо, да се исчисти јавната сцена од независни компетентни поединци, да се редуцира нивото на образована администрација којашто веќе утре ќе претставува кочница за самоволието на „елитите“.
Или, со еден збор: непросветеноста е основата на корупцијата, како и на сите други зла во оваа земја! Но таа, непросветеноста, не само што не се намалува туку секојдневно се стимулира со сите мерки што ги предлага оваа власт. И со сите нови вработувања, и со сите нови кадровски позиционирања на случајни, приглупи и необразовани но послушни поединци на клучни места во државата. Тоа е најстрашната општествена корупција, а не шишето виски или бонбониерата во рацете на способниот лекар!
Извор: Теодосиевски уметност