Неопходна реформација на умот

Но, повторно, првата и можеби најболна „реформа“ мора да биде аналитичкото преиспитување на ставот за прифаќањето на онаа и онаква „француска рамка“ со сите „приврзоци“ што таа ни ги сервира. И ќе ни ги сервира! Не на онаков перфидно ступиден начин како што претходната влада го подметна прифаќањето на таа „рамка“ со безобразна Информација од само една страничка текст – за што, всушност, би требало да говори Филипче! – туку со дефинитивна анализа на сите аспекти на прифаќањето и/или одбивањето на таквиот поразителен – или можеби не? – за нас пристапен процес.

1

Безмалку сите јавни обраќања на „видните“ претставници на македонската „пајтон интелигенција“ започнуваат со прашањето „зошто“. Зошто ова, зошто она, зошто вака а не онака…, небаре досега тие биле хибернирани во некој сдсм ладилник и сега одеднаш се будат – или ги будат! – и гледаат стагнација, замрзнат кадар од филм, токсични односи, некакви психопатологии и неиспорачување на ветеното…

Или, ако сакате, кога „лидеро“ Филипче и неговата подопашна клиентела критикуваат недостаток на реформи, забораваат ли колку години, на пример, имаше тој како министер за здравство да го реформира тој сектор? И што „реформираше“? КОВИД вакцините и модуларната болница во Тетово? И колку години имаше онаа нивна „прогресивна“ сдсм (малите букви се…) за цврст реформски наместо скандалозен коруптивно-криминален курс? И зарем сериозно некој од овие шушумиги смета дека упорното пеење на нивната химна „Бугарите во Устав“ со рефренот „ние не ѝ требаме на Европа, Европа ни треба нам“ и понатаму, после сѐ, има некакви симпатии и ефект кај граѓаните? Па ги видовме тие симпатии и тој ефект на парламентарните, претседателските и локалните избори! Или и тоа им е малку за да разберат и им треба реформација на умот?






Или, кога „лидеро“ некому пришива некакви „контроли“, заборава ли на неговиот ментор и контрол-менаџер, оној кој го намести за министер, па за претседател на „партија“ со дури 18.001 гласа…? И кој редовно „го вози“ на консултативни тури низ Егејот и пошироко? И кои и какви „реформи“ – заради коишто де факто и добија власт! – спроведоа двајцата во оние „незаборавни“ седум години, „реформи“ што и денес ни се удираат од глава? На пример самоволната промена на името на државата, фамозниот, „историски“ Договор со источниот сосед, протоколите и таканаречената „француска рамка“ итн.?

И кога веќе ги спомнувам овие нивни „бисери“, токму тука мора да започне реформскиот процес во Македонија. И да ги „повлече“ сите други. Како што и, на пример, започнатото судење за трагедијата во Кочани мора да биде и старт на реформскиот процес во правосудството. И на нови судења! И не во платите на судиите (коишто ионака се превисоки), како што тие посакуваат, туку продолжување на споредбените анализи на главните насоки во македонското правосудство со земјите членки на унијата (малите букви се…), проследено со карактеристични показатели: број на судии „по глава“ на жител, број на предмети, рокови на завршување на предметите, плати… итн. Поточно, сѐ она за што тие не сакаат да говорат, како ни оние кои толку години ни глумат експерти за реформи во оваа област, во сѐ гледаат притисоци врз судиите и тоа го дошепнуваат до еу а речиси до вчера во нивните редови седеше и најкорумпираниот судија во Македонија!

Но, повторно, првата и можеби најболна „реформа“ мора да биде аналитичкото преиспитување на ставот за прифаќањето на онаа и онаква „француска рамка“ со сите „приврзоци“ што таа ни ги сервира. И ќе ни ги сервира! Не на онаков перфидно ступиден начин како што претходната влада го подметна прифаќањето на таа „рамка“ со безобразна Информација од само една страничка текст – за што, всушност, би требало да говори Филипче! – туку со дефинитивна анализа на сите аспекти на прифаќањето и/или одбивањето на таквиот поразителен – или можеби не? – за нас пристапен процес. Зашто тоа не е само политички процес, како што некои сакаат да го претстават и низ тоа да ја исклучат стручната и пошироката јавност. Се разбира, тоа е и политички процес и оценка, но ниту еден процес, па ни овој, не исклучува и друг вид проценки, особено од историски, идентитетски, културен, социолошки, демографски, воен… аспект. Само тогаш и само така една современа држава може да дојде до релативно реален став за такви суштински прашања. Она што всушност не беше направено претходно со бланко прифаќањето на сите монструозни подметнувања на Макрон и неговата камарила, на европската комисија и нашиве политиканти од форматот на Заев, Филипче и компанија и нивните интелектуалци-шарлатани.

Зашто, инаку, јавноста и понатаму ќе биде бомбардирана од паушални и во основа небулозни навивања на онаа „пајтон интелигенција“ на бившата власт, со отворени заплашувања на јавноста, ќе протураат наводни дилеми и сомнежи и слични будалаштини. Тие „дежурни кревачи на паника“ – како што ги нарекува проф. Огнен Вангелов – низ нивните клиентелистички ориентирани искази никогаш и никаде не демантираа ни еден предлог на новата власт и на некои независни интелектуалци, ниту пак појаснија зошто тие се неприфатливи (особено предлогот за одложена примена на менувањето на Уставот, на пример, или барањето гаранции од европската комисија и др.). Сето тоа од нив беше премолчувано или, во најдобар случај, потсмешливо коментирано како „само-саботажа“, а инсистирањето на почитување на правилата, на партнерски однос и самопочит се „трансцедентални будалаштини“.

Уште помалку некој од нив умее да одговори на прашањето „што утре?“ односно по евентуалното прифаќање на безусловната промена на Уставот веднаш! Оттука, не само што овој процес комплетно ја разобличи нивната наводна експертиза туку ги направи уште попроѕирни и нивните крајни цели и задачи.

Впрочем, токму стручното мислење на проф. Вангелов за клучното прашање на македонскиот евроинтегративен процес презентиран деновиве, како и повеќето други претходни искажувања по тоа прашање, се добра подлога за една таква реформска стратегија на државниот став за модусите во преговорите со еу (малите букви се…).

Од друга страна, ако онаа клиентелистичка булумента навистина не го чувствува актуелниот крвожедно агресивен миг во „политиките“ на примадоните на европската унија, Франција и Германија, тогаш имаат уште посериозен проблем со себеси. Зашто, повторно кренатата глава и заканувачкото енормно вооружување на една Германија со онаков Мерц испраќа страотно познати сигнали, а неговиот срамотно безобразен „совет“ на младите Украинци да не доаѓаат во Германија туку да се борат за својата земја е ужасен цинизам. На таа и таква Европа евидентно ѝ треба туѓа крв да ги брани нејзините граници и да го отпетлува она што самите си го замрсија.

Макрон и Мерц очигледно ги заборавиле историските искуствата на Франција и Германија со Русија, па сега сакаат самите да си ја пробаат среќата? Но, но, што ќе прави Македонија како членка на НАТО во таков случај, ќе гинат ли и македонски деца по наредба на Мерц, Руте, домаќинкана фон дер Лајен и онаа полуписмена Калас?

И за тоа ли „пајтон интелигенцијава“ ќе најде „умни“ оправдувања, ќе се смени ли рефренот на „химната“ во „во борба за Европа“? И ќе оди ли некој од нив да се бори?!

П.С.

Апропо реформите, но и актуелните случувања во Британија со одговорноста на оној шарлатан Џонсон во КОВИД пандемијата и сличниот процес со конгресменката Шерфилус-Меккормик и нејзиниот брат од Флорида (обвинети за злоупотребени милиони долари од вакцините), ќе се сети ли некој во претстојните судски реформи да ги отвори и македонските состојби од тоа време? И треба ли да ги потсетуваме на морбидните факти од таа пандемија кај нас?!

Поврзани содржини