НЕНАД ЈОВАНОВИЌ СЕ НАЈДЕ НА СПИСОКОТ НА КАСАМИ Колумнистот тврди дека никогаш не соработувал со Општина Тетово
Колумнистот Ненад Јовановиќ демантира и тврди дека тој не е тој Ненад Јовановиќ кој соработувал со Општина Тетово.
Извесен Ненад Јовановиќ се најде на списокот што вчера го објави тетовскиот градоначалник Билал Касами, а кој е исполнет со имињата на носителите на сите 811 договори на дело кои претходното локално раководство на Општина Тетово ги склучило само во текот на минатата година.
Оваа изненадувачка информација ги разбранува социјалните мрежи, а и дел од медиумите објавија дека станува збор за колумнистот Ненад Јовановиќ, кој важи за гласен поддржувач на политиките на владејачката СДСМ и на поранешниот партиски лидер и премиер Зоран Заев, а кој, според списокот, месечно заработувал по 12.000 денари во периодот од 01 август 2021 година до 31 декември истата година.
Сепак, колумнистот Ненад Јовановиќ демантира и тврди дека тој не е тој Ненад Јовановиќ кој соработувал со Општина Тетово.
„Категорично ги негирам овие тврдења. Никогаш не сум бил во работен ангажман со Општина Тетово“, вели Јовановиќ во демантот испратен до порталот Република кој ја објави информацијата.