Немаше ништо херојско и човечно во војната во 2001 година – никогаш веќе да не ни се повтори таква трагедија!
Не е неповратно минато времето на „шармирањето на омразата“. И затоа, единствено нешто што посакувам кога помислувам на војната и на Рамковниот договор, е да ги сочуваме разумот, мирот и спокојството и никогаш никој повеќе да не помисли со оружје в рака да се бори за остварување на политички цели. Охридскиот треба да е нашиот последен мировен договор.
Во 2009 година пишував колумни за дневниот весник на албански јазик „Коха“. И таков каков што сум, никаков нели, наместо елегантно да ги избегнувам чувствителните теми за македонско-албанските односи, јас ентузијастички пишував токму за нив. Упорно и упорно обидувајќи се да нагазам на својата „нагазна мина“…
Во една од тие колумни пишував за војната од 2001 година, која во нашиот официјален политички вокабулар и тогаш и денес сѐ уште се нарекува со еуфемизмот „конфликт”.
Некој, напишав тогаш, очигледно се обидува да ја фалсификува вистината за трагичните настани, да произведува херои, кукавици и маченици. Посочив дека и во албанскиот политички блок се води дебата со намера да се капитализираат концесиите здобиени во војната, како трајна политичка придобивка која треба да освои неколку изборни циклуси.
Во меѓувреме, од таа 2009 година, дури и малку пред тоа, па сѐ до денес, победникот во „конфликтот“ – паравоената формација ОНА, подоцна, во мир, трансформирана во политичката партија ДУИ – постојано победува на изборите. Има и зошто. Со имплементацијата на мировниот договор склучен во Охрид, чија 20-годишнина се слави денеска, некогашните команданти и нивните политички наследници, предводени од легендарниот Али Ахмети, го променија не само статусот на Албанците во Македонија, туку темелно ја реконституираа државата – македонскиот и албанскиот народ како носители на суверенитетот се преименуваа во рамноправни етнички заедници, земјата стана билингвална федерација, а брзо и драматично се надмина проблемот на недоволна застапеност на припадниците на албанската етничка заедница во јавните институции.
Во таа смисла, јас немам дилеми дека Рамковниот договор остави трајни позитивни последици во политичкиот живот во Македонија и ефикасно ја „испумпа“ енергијата на конфликтот меѓу Албанците и Македонците, кој постои уште од осумдесеттите години на минатиот век, па и пред тоа. Но, тоа сѐ уште не значи дека Македонија не беше спремна за такви достигнувања и без да биде втурната во вителот на војната. Напротив. Можеби ќе бевме за чекор побавни, но притиснати од желбата да ја гониме евроатлантската агенда, ние секако ќе стасавме тука каде што сме сега – и без тој одвишен и трагичен настан.
Ете затоа, како што напишав во мојата колумна, јас секогаш жестоко полемизирам со сите што се обидуваат таа валкана војна да ја прогласат за херојска епопеја. И во 2001 година, кога бев прогласен за „македонски националист” и кога за моите написи некои влијателни кругови правеа „студија на случај”, но и сега, категорично тврдам дека немаше ништо херојско и ништо човечно во таа војна, во која загинаа околу петстотини недолжни луѓе.
Вио прилог на мојата теза, еве уште неколку битни фрагменти од таа колумна напишана пред 12 години:
„…Војната беше резултат на неспособноста на политичките елити во тоа време (пред сѐ на македонската политичка елита) да пронајдат вистински одговори за напластените меѓуетнички проблеми. Како новинар и интелектуалец, кој имаше храброст уште од 1995 година, па и пред тоа, да бара повеќе права за Албанците и мултикултурализам, во време кога тоа се сметаше за ‘предавство на нацијата’, тврдев и сѐ уште тврдам дека таа војна не смееше да се случи, бидејќи ја уназади Македонија и на економски и на политички план, а ги загрози и нејзините европски перспективи.
Во општество како нашето, без историска меморија на непомирливи конфликти, на почетокот на новиот милениум, во срцето на цивилизирана Европа, да се остваруваат политички цели со оружје, беше неоправдан терор, а не војна за човекови права или татковинска војна.
Што има, ве молам, херојски, во убиствата во Љуботен? Кој ќе ги оправда жртвите од тоа село, од тетовските села, од Вејце, од Карпалак? Зарем убиствата на цивили како ‘колатерална штета’ се оправдуваат со тоа што акциите се воделе против ‘легитимни цели’? И што е, впрочем, тоа ‘легитимна цел’? Па зарем може некој да нѐ убеди дека „легитимни цели” за отстрел можеле да бидат штотуку регрутирани момчиња во редовите на ОНА или на АРМ? И дека во една војна, која се прогласува дури и за херојска, се дозволени ликвидации со куршум во грбот или масакрирање на убиени лица? Не, секако не.
Секој чесен човек, Македонец или Албанец, не може да остане рамнодушен пред моите аргументи. Единственото нешто што мора да го научиме од таа војна е дека во иднина мораме да направиме сѐ што е потребно да не ни се повторат насилства и убиства. Секој што денес сонува за некакво ‘второ полувреме’ на оваа војна, секој што повикува на одмазди и на линчови, тој не ѝ мисли добро на оваа земја. Тоа што еднаш си простивме и си пруживме рака, многу сериозно нѐ обврзува на таквите авантуристи денес да им кажеме едно громогласно – не“.
Стојам зад напишаното во мојата колумна во „Коха“, до последниот збор. Се разбира, не велам дека не треба да бидеме позитивни и спокојни, но мора да останеме и будни и свесни за сопствените слабости. Не е неповратно минато времето на „шармирањето на омразата“ (да употребам една прекрасна ,метафора на покојниот Арбен Џафери). Латентниот конфликт тлее, како неизгаснат оган скриен под лисјето во шумата. Многу лесно може да се случи некоја нова „меѓуетничка“ тема да ги разбуди „шармерите“ и сите пак да нѐ втурне во конфликт и насилства.
И затоа, денеска, кога се одбележува 20-годишнината од Рамковниот договор, за жал во атмосфера на длабоки поделби во македонското општество, единствено нешто што јас посакувам е да ги сочуваме разумот, мирот и спокојството и никогаш никој повеќе да не помисли со оружје в рака да се бори за остварување на политички цели. Охридскиот треба да е нашиот последен мировен договор.